Македонското и грчкото малцинство во Албанија бара од Рама да објасни зошто не се донесени подзаконските акти за малцинствата

Пратениците во име на малцинствата што ги претставуваат потсетуваат дека почитувањето на правата на националните малцинства е еден од петте главни критериуми што ЕУ ги постави за Албанија да ги започне преговорите за членство.

Пратениците во албанскиот парламент, претставници на грчката и македонската заедница во Албанија, доставија барање до претседателот на законодавниот дом, Грамоз Ручи да го повика премиерот Еди Рама на пленарна седница и да објасни зошто се доцни со носењето на подзаконските акти за спроведување на законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија”.

-На 13 октомври 2017 година Парламентот на Албанија го донесе законот 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија”, кој требаше да го пополни правниот јаз за третман на малцинствата во Албанија и исполнување на критериумите за членство во Европската унија. Со последните одредби на законот (член 23) се бара од Владата „да ги донесе подзаконските акти согласно овој закон во рок од 6 месеци од неговото стапување во сила. Законот беше објавен во Службен весник на 9 ноември 2017 година и стапи во сила 24 истиот месец. Значи, законот ја задолжи Владата да ги донесе сите подзаконски акти шест месеци по неговото стапување во сила, конкретно пред 24 мај 2018 година,стои во писмото доставено до Ручи.

Се додава дека, иако поминаа две години од донесувањето на овој закон „околу 46 отсто од подзаконските акти се уште не се донесени и овој закон не се применува”.

Пратениците во име на малцинствата што ги претставуваат потсетуваат дека почитувањето на правата на националните малцинства е еден од петте главни критериуми што ЕУ ги постави за Албанија да ги започне преговорите за членство.

-Ова прашање е најголема загриженост за малцинствата во нашата земја, но и за Европската комисија, која во својот извештај за напредокот на Албанија 2019 вели дека „Албанија треба да донесе подзаконски акти, да воспостави потребни механизми и да ги разгледа постојните релевантни законодавства, како неопходни чекори за обезбедување на примена на сите принципи и права утврдени со законот за заштита на националните малцинства,се наведува во барањето.

Се посочува дека во отсуство на овие подзаконски акти, кои се неопходни за спроведување на законот, мали се изгледите за започнување преговори на земјата со ЕУ во март 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот