Македонскот шампион немаше среќа на подготовките: Дарио Ивановски од Кенија во изолација

Најдобриот македонски атлетичар мораше да се врати од ветената земја за тркачите на долги патеки, каде се подготвуваше за ЛОИ 2020. Сега е во Македонија, во задолжителна двонеделна изолација и прави планови како повторно да замине во Кенија, откако кризата со коронавирусот ќе мине.

Нашиот најдобар атлетичар во моментов, Дарио Ивановски мораше да се врати предвремено од Кенија, земјата која е сон на секој тркач на долги патеки.

Дарио беше на подготовки во Итен, Кенија, место познато како дом на шампионите. Таму тренираше со Митко Ценов, познат бугарски тркач, подготвувајќи се за ЛОИ Токио 2020. Но по две недели мораше да го прекине престојот таму поради пандемијата и по долг пат пристигна во Скопје каде моментно е во задолжителна двонеделна изолација.

Ивановски жали затоа што мораше прерано да се врати, но веќе планира по крајот на кризата со коронавирусот повторно да отпатува во таа ветена земја за атлетичарите.

Во Кенија заминав на подготовки за ЛОИ Токио, кои за жал беа одложени за идната година. Токио ми беше и ќе ми остане животна цел и со нетрпение ја очекувам идната година. Ќе вложам се и ќе заминам повторно во Кенија на подготовки – вели Ивановски. Тој е импресиониран од условите за тренинг во Кенија.

Луѓето во Кенија живеат за спорт, особено за трчањето на долги патеки. За нив атлетиката е светост и е навистина убаво да трчаш и да тренираш со тие луѓе. Живеат на 2.300 метри надморска височина и јадат само природна храна. Затоа се толку успешни во спортот, особено во трчањето на долги патеки.

Сретнав многумина светски и олимписки медалисти кои живеат едноставен живот. Се хранат здраво за да можат да трчаат и да бидат среќни. Она што го научив во Кенија е дека треба да сте среќни и благодарни на секој ден од животот што ви го подарил бог. За жал поради ситуацијата морав да се вратам во Македонија и да чекам да помине овој тежок период за да продолжам со подготовките за ЛОИ Токио – вели македонскиот рекордер во неколку дисциплини. Ни Кенија не е заобиколена од пандемијата.

Во Кенија луѓето се многу уплашени од вирусот. Почнаа да се преземаат строги мерки. Се затвораат спортските кампови, се воведе и полициски час, како кај нас. Среќно стигнав во Македонија, немав поголеми проблеми по патот, но психички беше тешко за патување, бидејќи имаше чекање по аеродроми. Сега сум во карнтин, 14 дена во изолација – вели атлетичарот, кој е актуелен шампион во полумаратон, победник на полумаратонската трка од Скопскиот маратон 2019.

Меѓу неговите најдобри резултати се и рекордите на Македонија во дисциплините 1.000 метри, 1.500 метри, 3.000 метри, 10 километри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот