Македонските транспортери се прилагодуваат на еколошките стандарди

камиони транспорт
Фото: илустрација / архива на „Слободен печат“

Сега има околу 2.800 камиони со „евро 5“ и над 3.000 со „евро 6“ кои се најеколошки, набавката на нов камион чини најмалку 100.000 евра, а новите приколки чинат од 20 до 50.000 евра

Ова, ќе биде последна година за која се обезбедени повеќе транспортни дозволи за македонските камиони со „евро5“ кои возат за Германија, а од догодина, дозволи да „крстарат“ по германските автопатишта ќе добиваат само возилата со „евро 6“ стандард. Оваа промена е поради стратегијата на Германија за зачувување на животната средина и ја наговестува промената која може да настане во поголем број на држави членки на ЕУ, предупредува Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“. Земјите од ЕУ и сега се штитат од загадувањето со тоа што на постарите товарни возила има наплатуваат повисоки патарини. Муратовска за „Слободен печат“ открива дека во контигентот на дозволи за 2023 година нема повеќе дозволи за „евро 3“ и „евро 4“ стандард на возилата. Она што е битно и се однесува подеднакво и на оваа и на 2024 годинa е дека има зголемување на годишните билатерално транзитни дозволи кои се користат за пет возила.

-Транпортерите со години се подготвуваат за овие своевидни „забрани“ и си го подновуваат возниот парк. Сега има околу 2.800 камиони со „евро 5“ и над 3.000 со „евро 6“ кои се најеколошки. Иако светските студии покажуваат дека речиси една четвртина од емисијата на јаглерод диоксид во друмскиот сообраќај е од камионите, од осамостојувањето до денес, македонските институции не одговараат на барањата на транспортерите за помош при замената на старите генерации камиони и приколки – објаснува Муратовска.

Македонските транспортери сами се грижат за набавката на своите возила, а досега немаме добиено ниту денар како поттик или помош. Европските земји веќе две децении изнаоѓаат разни начини да ги стимулираат превозниците, па дури и за набавка на филтри за воздух, кои би биле во насока на помало загадување во износ од 100 до 10.000 евра.

-Со оглед на фактот во каква состојба се и дел од државните камиони, имаше предлог тие да бидат заменети со откуп на понови генерации вакви возила од приватниците, а тие да си додадат средства и да набават уште поеколошки возила, но и тоа не помина – објаснува Муратовска. Германија, пред две години им овозможи на превозниците да аплицираат за 15.000 евра субвенција за набавка на нов камион и до 5.000 евра за нова приколка. Камионите што германските транспортери ги набавуваа, мораше да ги задоволуваат највисоките „евро 6“ стандарди и да бидат произведени во 2021 година. Тамошните превозници истовремено ги предададоа за рециклирање старите возила што се со „евро 0“ до „евро 5“ стандарди.

– Европските земји го ограничуваат движењето на старите камиони и преку зголемените цени што се плаќаат за патарини. Разбирливо е што странските компании повеќе ги ангажираат транспортерите чии возила се со „евро 5 и 6“ стандарди, заради поголема сигурност и побрз транспорт. Покрај примарната еколошка цел, во ЕУ сакаат да ја забрзаат обновата на транспортната друмска флота, да им помогнат на превозниците, но и на производителите на камиони. А да не ја заборавиме и зголемената безбедност во сообраќајот – додава Муратовска.

Набавката на нов камион чини најмалку 100.000 евра, а новите приколки чинат од 20 до 50.000 евра. За среќа има можност за набавка на камиони и од втора рака, кои чинат од 30 до 40 илјади евра. Цените на новите автобуси се движат меѓу 200 и 300 илјади евра.

Инаку, на крајот на април во Скопје се одржа билатерална средба на мешовитата комисија согласно Билатерална спогодба за превоз во патниот сообраќај потпишана со С.Р. Германија, по речиси осум години од последната средба која се одржа во Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот