Македонските скијалишта подготвени за странски гости

попова шапка
Попова Шапка / Фото: МИА

Веќе од декември на Маврово и на Шапка ќе скијаат белоруски и украински туристи. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, прави максимални напори да се раздвижи барем зимската сезона, презентирајќи ја понудата пред туроператорите од Белорусија и Украина.

Нашите ски-центри нудат идеални услови за слободно скијање и сноубординг, а аранжманите би биле од 5 до 7 дена. Љупчо Јаневски, директор на АППТ, за огромен успех го смета отворањето на новата директна линија меѓу Киев и Скопје.

-Со два лета неделно, очекувам зголемување на бројот на украински туристи во земјава. Ова е турбулентно време, во кое ние успеваме да отвориме нов пазар, а тоа за мене претставува огромен успех – оцени Јаневски.

Но, речиси на крајот на октомври, сместувачките капацитети на Охридската ривиера се исполнети со само 10 проценти. Нема конгреси и семинари, кои беа вообичаени за овој период од годината, а најголемиот дел од хотелите се подготвуваат за долг „зимски сон“.

Владата не дозволи рокот за неискористените туристички ваучери да се пролонгира до март 2021 година, ниту пак да може да се пренесуваат на членови од семејството, како што побараа од ХОТАМ. Поради растечките бројки на ковид-19, во догледно време, хотелиерите не очекуваат гости од Србија, Грција, Бугарија и од Црна Гора. Во тек е склучување договори за идната туристичка сезона со клаузули во случај на пандемија дека има право да се откаже тој договор.

И покрај пандемијата, претседателот на ХОТАМ е задоволен од изминатата туристичка сезона.

– Тоа беше доказ дека вирусот не се ширеше по плажите, туку во затворени простори како сега. Сега можеме поагресивно да планираме за идната година. Научивме како да работиме со вирусот и како да се справуваме во одредени моменти. Тоа што е добро за гостинот да го примениме, тоа што е лошо да го отстраниме – подвлече Блажески.

Од јануари до август годинава, во однос на истиот период лани, бројот на туристите е намален за 59,9 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 25,3 отсто, а кај странските има намалување за  82,2 отсто. Драстично се намалени и бројките на остварени ноќевања. Ваучерите за домашен туризам, делумно помогнаа да се ублажи кризата во туристичкиот сектор, но следните месеци ќе бидат тешки.

Ќе се вратат 2 милиона евра туристичка такса

Како една од мерките за олеснување на состојбата во туризмот, Владата ќе ја врати туристичката такса за 2019 година на 4.740 субјекти, кои организирале ноќевања. Се работи за 2 милиона евра, инкасирани во таа година. Македонија има најевтина туристичка такса во регионот. Една е и изнесува 40 денари дневно, а ја плаќа туристот. Осумдесет проценти од неа или 32 денари се слеваат во општинската каса, а останатите одат во државниот буџет. Таксата во локалната самоуправа мора да се искористи за туристичката дејност, за промотивни или други цели.

Општина Охрид за да им ја олесни тешката ситуација на угостителите и на хотелиерите, одлучи да не наплаќа такса за поставената урбана опрема и закупен простор пред објектите за време на вонредната ситуација и три месеци по нејзиното завршување. Дел од угостителите ги користеа и владините субвенции за април, мај и јуни, а оние што нема да ги дочекаат мерките за крајот на годината, го преполовија персоналот.

Белоруски туристи ќе скијаат на Шапка и на Маврово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот