Македонските шуми клекнати на колена

Фото: Профимедиа

Крадци го опустошија шумскиот фонд во Северна Македонија. Особено на удар е кичевскиот регион, каде безмилосно се сечат дрвата. Експертите се шокирани. Ќе го сопре ли некој масакрот на шумите?

Крадците ги опустошија шумите во С. Македонија. Последниве три години особено на удар е кичевскиот регион, иако факт е дека нема педа во земјата на која што немаат продрено дрвокрадците. Најчесто организирани со повеќе возила тие ги крстарат планините, а употребувајќи закани и сила кон контролите и инспекциите, стануваат страв и трепет за чуварите на шумскиот фонд. Штетите се огромни и далекусежни. Не само што се уништуваат старите квалитетни насади со дрва, туку се уништува цел еден екосистем и се нанесуваат ненадоместливи штети за што одамна е вклучен алармот.

„Од 90-тите години планините се сечии и ничии. Уште оттогаш се дозволува неколку месеци во годината да се случува масакр на шумите. Станува збор за криминал поддржан од партиите. Си функционира тој систем со години и никој не го спречува. Како на сите да им одговара овој хаос“, коментира професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет во Скопје. Тој укажува дека проблемот е повеќеслоен. Од една страна површините под шуми изминативе години се зголемуваат, но од друга се намалува квалитетот со сечење, кражби на старите шуми, кои често се уништени и од пожари.
„Не само што крадат дрва, туку ја уништуваат иднината на шумата. Се сечат неправилно најубавите стебла, се деградира и се уништува шумата, се намалува нејзиниот квалитет и приносот на дрвата. Ги соголевме шумите и ги фрливме во ќумбиња“, вели професорот Ацевски.
Фотографиите коишто професорот пред извесен период ги сподели на Фејсбук го потврдуваат безмислосното опустошување на шумите. „Преку триесет години сум по нашиве шуми речиси по сите планини во Македонија, но ваков масакр немам видено. Има ли во Македонија шумарски инспектори и ако има како го дозволиле ова. Искрено се засрамив самиот пред себе од мојата струка. Нема понатаму да коментирам, само ќе кажам срам и арам за сите што се дел од ова“, реагираше Ацевски, споделувајќи фотографии од Драчевска планина, од месноста Празни Торба на Јакупица.

Зошто ги оставивме шумите незаштитени?

С. Македонија спаѓа во средно пошумените земји, официјално некаде околу 47 проценти во државата е под шума и шумско земјиште. Нелегалната сеча во земјата претставува сериозен и долгорочен проблем, којшто го доведува во прашање одржливото управување со шумите. „Чувари“ на шумите“ се шумската полиција и на шумочуварите, но нивната работа често е попречена од насилните дрвокрадци, кои делуваат oрганизиранo и често употребуваат сила и закани за остварување на своите нелегални цели. Инспекторатот за шумарство и ловство се жали дека не располага со доволно инспектори што доведува до намалена ефективност. Но, тоа не е единствениот проблем. Велат дека пријави се поднесуваат, ама недоволни или мали казни се изрекуваат на оние коишто ги пустошат планините.

С. Македонија спаѓа во средно пошумените земји, официјално некаде околу 47 проценти во државата е под шума и шумско земјиште

Од Иницијативата О2 потсетуваат на извештајот на „Глобал форест воч“, според кој, од 2001 до 2019 година, С. Македонија изгубила 38.6 илјади хектари шума, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва. Проценките се дека нелегалната сеча се движи околу 25-30% од вкупно исечената дрвна маса. Се смета дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрвја.

„Потребно е да се подигне нивото на меѓусебна соработка и координација меѓу повеќе државни органи, како и со судските органи коишто треба да ги процесираат казните во најбрз период“, укажуваат од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ, којашто во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“, денеска ќе одржат панел дискусијата „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?“

Злосторство без казна

Кога ќе се прогледа низ прсти за некои кривични дела, кога тие нема да бидат соодветно казнети или воопшто нема да бидат санкционирани, тогаш тоа резултира со последици кои имаат долгорочен ефект, коментираат познавачите на состојбите.
Трајче Ангелов од Инспекторатот за шумарство и ловство вели дека кражбите најчесто ги вршат организирани групи, а најчесто поради немање доволно докази пријавите се враќаат со образложение дека станува збор за социјално загрозена група на население којашто мора од нешто да егзистира. „Секаде безмислосно се сечат дрвата, но во Кичево е екстремно. Нема делче од земјата каде што не се крадат дрва. Со камиони поретко, но затоа со возила се влегува насекаде, дури и на места кадешто неможе да дојде инспекцијата“, вели Ангелов, кој е виш инспектор од областа на шумарството и раководител на Одделението за инспекциски надзор.

Дрвокрадците организирани некогаш и со по 20-30 возила преставуваат опасност и за инспекторите – ги напаѓаат и покажуваат сила врз нив. Иако досега 13 пати се менувал Законот за шуми, велат инспекторите, повторно се неопходни измени и репресивни мерки за да се спречи уништувањето на шумите.
Од Инспекторатот за шумарство велат дека имаат волја, но кубурат со стручни кадри, пред се со шумски чувари, како и со возила и со инспектори. На целата тероторија на земјата има 14 шумарски инспектори, како и шест возила за на терен. А, тие се далеку од доволни за да се следи целата територија.
Според најновите податоци од Посебните планови за стопанисување со шумите кои се за стопанска намена, вкупната шумска површина во РСМ изнесува 1.091.857,59 ха, од кои 835.055,82 ха се вкупно обрасната површина и 256.801,77 ха необрасната шумска површина (голини). Треба да се напомене дека има уште 80000 ха или 7,32% шуми и шумско земјиште со мало стопанско значење, за кои нема изработено посебни планови за стопанисување со шумите. Државниот инспекторат за шумарство и ловство во текот на 2020 година има извршено 2222 инспекциски надзори, од кои: 1276 редовни инспекциски надзори, 747 вонредни инспекциски надзори и 199 контролни инспекциски надзори. При тоа на субјектите на надзор се издадени 187 решенија за исправување на утврдените недостатоци при надзорите, 1 кривична пријава за пустошење на шумите во Кичево и 6 прекршочни пријави.
Изминативе години имаше и полициски акции, како онаа наречена „Гора“ за сузбивање во рамките на која беа поднесени околу 60-тина пријави за дрвокрадците. Минатата година, пак, десетмина на возраст од 28 до 57 години заработија кривични пријави напад на полицијата, којашто се обидела да им ги одземе возилата натоварени со букови дрва, откриени на патот Прилеп – Велес.

„Цвета“ нелегалната сеча

„Нелегалната продажба на бесправно посечена дрвна маса, која според наши сознанија изнесува околу 20-30 % од планираниот годишен сечив етат на шумите со кои стопанисува ЈП Национални шуми, со еден збор „цвета“. Но, пред извесно време се јави и нов проблем сушење на вештачко подигнатите борови насади и борови култури, но и сушење на природните насади од бор. Ако се земе превид оваа многу од овие вештачко подигнати борови насади и борови култури ќе мора да се сечат (санитарна сеча)“, вели Ангелов.

Но, се навестува и проблемот на сушење на моликата како вид на петоигличаст бор, по кој Пелистер е прогласен како национален парк. Над 250 стебла веќе се сушат и со времена интервенција на вработените во националниот парк, шумарските инспектори и извештајно дијагностичката служба при Шумарски факултет Скопје проблемот се санирана.

Податоци за последните евидентираните бесправни сечи од страна државниот Инспекторат за шумарство и ловство:

Година /  Бесправни сечи во м3
2017 – 31 986,77
2018 –  11 420,70
2019 –  24 613,70
2020 – 21 323,50

Над 315.702 кубни метри штета е предизвикана со неконтролираното сечење на дрва низ целата земја само во 2014 година. Од 2017 година наваму според евиденцијата на државниот Инспекторат за шумарство и ловство, бесправните сечи опаѓаат. Ако се има предвид дека еден камион пренесува од 10 до 12 кубици дрва, тогаш станува јасно дека стотици камиони ги „преорале“ македонските шуми изнесувајќи ги од нив најквалитетите стебла, и предизвикувајќи ненадоместлива финансиска и еколошка штета.

Иако состојбите со дрвокрадството не се така алармантни како во периодот од 2007 до 2010 година, кога проценките беа дека С. Македонија годишно губи по околу 10 милиони евра од дива сеча, сепак последиците од децениското соголување на шумите се чувствуваат на секој чекор. Шумската полиција и инспекторатот имаат полни раце работа и во Скопје, Гостивар, Струга, Малешевијата и Струмица, Скопска Црна Гора..

Дрвото од шума во ќумбе

Дел од граѓаните пред се од планинските предели се уште посегнуваат по шумското богатво, неконтролирано сечејќи дрва за сопствени потреби, но и за продажба. „Поразителни се податоците дека во С.Македонија 71 отсто од населението го троши дрвото како енергенс, податок којшто не е за фалење. Државата треба да обезбеди друг енергенс, бидејќи штом ќе опадне побарувачката на дрва, автоматски ќе се намали и нелегалната понуда“, велат познавачите на состојбите.

Граѓани во улога на полицајци-контролори на шумите

Саша Јовановиќ, раководител на Сектор за шумарство и ловство во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство најавува мерки коишто се во тек на изработка за зајакнување на заштитата и воведување на поголема контрола на исечените дрва. „Во план е издавање на електронски испратници за да имаат увид во нив сите контролни органи. Преку мобилна апликација само со едноставно внесување на регистрацијата на возилото ќе може да се провери дали тоа е овластено за превоз на дрва, и доколку се забележи одредена нерегуларност ќе може веднаш да се пријави кај надлежните органи“, вели тој.

Откако ќе профункцонира системот, и граѓаните ќе можат да бидат во улога на полицајци – контролори на шумите, кои ќе можат преку апликацијата да пријавуваат злоупотреби. Во план е и сите возила кои пренесуваат дрва да имаат ГПС уред и да се следи нивното движење. Контрола ќе се воведе и на стовариштата кои имаат решенија за трговија со дрва. Кај нив ќе се воведе 24 часовен надзор, со кој ќе се следи секој влез и излез на возилата. За оние кои нема да ги почитуваат правилата се размислува и за одземање на лиценците за работа.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот