Македонските ракометари во вториот дел го скршија отпорот на Финска

Филип Кузмановски е среќен што репрезентацијата на Македонија тренира комплетно/Фото: EPA-EFE/MAURI RATILAINEN

Во претпоследниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство денеска најдобрата македонска репрезентација славеше на гостувањето кај Финска со резултат 22:27 во „Кокс“ Арената во Рихимаки.

Доста се мачеше составот на Кирил Лазаров до триумфот, ривалот воглавно го контролираше резултатот во своја корист, водеше по првите 30 минути со 14:12.

Најголема заслуга што Финците водеа рамноправна битка против нашата селекција имаше нивниот голман Росландер кој забележа дури 19 одбрани и запре три седмерци.

Во првото полувреме домаќинот двапати имаше и позитива од „плус три“ (12:9, 13:10) што беше загрижувачки за нас. За среќа, во вториот дел беше скршен отпорот, при нерешени 19:19 направивме серија од 5:1 што беше клучно за конечниот епилог.

Кај стрелците Лазаров и Кузмановски имаа по пет погодоци, четири запиша Георгиевски, а на спротивната страна шест голови беа дело на Гранлунд.

И покрај тоа што имаме осум бодови, и натаму не ни е обезбеден настапот на континенталниот собир кој ќе се одржи наредната година во Унгарија и Словачка.

Од 18.30 часот играат Швајцарија и Данска, доколку Данците триумфираат, сигурно ќе чекираме „билет“ за ЕП. Да додадеме уште дека Швајцарците ќе бидат нашите последни ривали во овој квалификациски циклус на 2 мај во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот