Македонските одбојкари поразени од Белгија во Европската златна лига

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Во својот четврти натпревар од Европската златна лига македонската одбојкарска сениорска репрезентација загуби на гостувањето во Шарлоа од Белгија со резултат 3:0 во сетови. Белгијците сите три сета ги добија тесно со два разлика, во првиот беа подобри со 27:25, во вториот со 25:23, а во третиот со 26:24.

Во првиот сет избраниците на селекторот Јошко Миленкоски имаа двапати предност од пет поени (7:2, 8:3), подоцна и одржуваа позитива од „плус три“ (11:8, 15:12, 19:16).

Нашите најдобри одбојкари имаа и неколку сет топки кои не беа искористени, а противникот успеа да казни и поведе со 1:0 во сетови.

Вториот сет донесе доста неизвесност, се играше поен за поен, и двете репрезентации се менуваа во водство. Белгија имаше 4:1, па се вративме со минимална позитива за 10:9, 12:11, а дојдовме во еден момент и до „плус два“ (16:14). При 19:19 Белгија врза два поени, разлика која успешно ја одржуваше до крајот на вториот сет.

Во третиот сет најпрвин Белгија стекна позитива од „плус четири“ (13:9), па нешто намаливме од негативата во следниот период за 17:15 и 18:16. Во финишот можевме да направиме и пресврт откако водевме трипати со 20:22, 21:23 и 22:24, но и овојпат не издржавме до крај, бидејќи ривалот врза четири поени и на крајот ги постави конечните 3:0.

Во нашите редови најефикасен беше Н. Ѓоргиев со 17 поени, 11 имаше А. Љафтов, девет Ф. Савовски, а по шест В. Милев и Ф. Маџунков. На спротивната страна 21 поен беа дело на М. Десмет, а еден помалку имаше Џ. Кокс.

– Мораме да поработиме на концентрацијата, на тие крајни поени од сетовите, подобро да ги решаваме, за да бидат во наша полза – вели македонскиот одбојкарски репрезентативец, Филип Савовски.

Четвртото коло ќе биде комплетирано в недела со дуелот помеѓу Хрватска и Украина. На табелата во групата „Б“ води Украина со девет бодови, пред Белгија со шест, Македонија има пет, а последна е Хрватска со еден.

Следниот дуел нашата селекција ќе го има на 14 јуни на гостински терен против Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот