Македонските одбојкари подобри во вториот контролен меч против Швајцарија
Најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација ја совлада Швајцарија со 3:0 (26:24, 25:21, 25:20) во вториот пријателски натпревар одигран на гостински терен како дел од подготовките за квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година.
За разлика од првиот контролен меч кога противникот триумфираше со 3:0 во сетови и ги добиваше сетовите на разлика, нашите одбојкари одиграа поквалитетно и имаа контрола на резултатот.
Никола Ѓорѓиев беше најефикасен за нашата селекција со 20 поени, Филип Савовски запиша 11, Александар Љафтов девет, Владо Милев три, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ефтим Ричлиев и Стојан Илиев по два, а Тоше Ефремов, Стојче Арсов и Филип Лепидовски по еден.
Со оглед на карактерот на мечот, имаше и уште еден неофицијален, четврти сет, а во него Швајцарците беа подобри со 19:17.
Македонската репрезентација в недела ќе се врати во Струмица по што ќе игра на турнирот „Чајка“ против Израел и Косово.
Квалификациите за ЕП ќе се играат на 17 август со Грузија на гости и со Грција дома на 25 август.