Македонските кошаркари со победнички старт на ФИБА „Челенџерот“ во Шопрон

Фото: kfsm.mk

Нашата машка кошаркарска селекција „Под 20“ години во унгарскиот град Шопрон го одигра првиот натпревар од групата „Д“ од ФИБА „Челенџер“ турнирот во кој славеа играчите на селекторот Тони Симиќ.

Македонија триумфираше над Луксембург со резултат 73:57 (15:15, 22:20, 12:12, 24:10), нашите млади кошаркари во второто полувреме го скршија отпорот на противникот.

Првото полувреме не можеше да се опише како задоволително, особено во оние офанзивни активности. Бевме очајни, особено во шутот за три, погодивме само два од 17 обиди за три поени.

Единствено добро во нашата игра, беше бројот на освоените топки – 11, за 20 минути од играта во која противникот имаше дури 17 загубени топки, но и подобра реализација од поле во однос на нашата (40% спрема нецели 31%). Луксембург имаше дури 12 скока повеќе во однос на нашата селекција (32 наспроти 20). Но, на одморот отидовме со два поени „вишок“ (37:35)…

Уште посиромашна, со поени, беше третата четвртина од нашиот премиерен настап на турнирот во Шопрон. Едвај по десет поени имаа двете селекции за девет минути од играта. Највисоки (49:45) имаве по двете реализирани слободни фрлања на Наумоски. Последниот период, сепак, го дочекавме со минимални (49:47), кои ги имавме и по два периоди од играта.

Фото: kfsm.mk

Го имавме Димитровски кој иако се пожали на повреда, продолжи да игра, реализираше десет поени. По осум, во тоа прво полувреме за заборав, имаа Митевски (ги погоди двете наши тројки) и Иванов.

По поените на нашиот најдобар играч на оваа средба, Димитровски (негов 17 кош на мечот), имавме и плус од шест поени (53:47). Тројката на Наумоски, прва за него, нè однесе во „помирни води“ (56:47).

Кога почнаа да погодуваат од далечина, сè беше полесно за нашите надежи. По новата тројка, која дојде од Исајловски, Македонија стигна до највидоката позитива од 13 поени (62:49), кога до крајот останаа да се доиграат 5:33 минути, што беше и најава за првиот успех на турнирот.

Најефикасен во победата беше Љубиша Димитровски со 17 поени (шест асистенции), следен од Данаил Иванов и Дарио Митевски кои имаа по 13. На спротивната страна 12 поени беа дело на Макс Логелин, а по 11 коша постигнаа Ивор Курешевиќ и Лазар Петар Павле Лукиќ.

Во следниот круг од натпреварите групата „Д“ од „Челенџерот“ во Шопрон, утре попладне, во истиот термин, од 16.30 часот, ќе играме против селекцијата на Романија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот