Македонските камионџии ќе возат без дозволи низ Србија, се чекаат повеќе дозволи и за Украина

Камиони / Фото: Архива на „Слободен печат“ / илустрација

Од 1 август годинава нашите превозници што имаат лиценци за меѓународен превоз и возила со евростандард од „Евро 1“ до „Евро 6“, за првпат од постоењето на државата ќе започнат да транспортираат стока за и од трета земја од Србија без дозволи за превоз

Од 1 август годинава сите наши превозници кои имаат лиценци за меѓународен превоз и возила со евростандард од „Евро 1“ до „Евро 6“, за првпат од постоењето на државата ќе започнат да транспортираат стока за и од трета земја од Србија без дозволи за превоз, со што се очекува зголемување на превозите на територијата на ЕУ, вели за „Слободен печат“, Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам транс“. Објаснувајќи што значи Протоколот за либерализирање на превозот на стока од и за трета земја за сите еколошки возила, Муратовска ја посочува поголемата превозна флексибилност, што, пак, од друга страна ќе ја зголеми искористеноста на возниот парк, бидејќи и за нашите и за српските превозници, ќе има повеќе работа на транспортниот пазар во Европа.

– Досега со Србија годишно се разменуваа 300 меѓународни дозволи за превоз на стока, од и за трета земја за сите видови возила. Единствено билатералниот и транзитниот превоз за возила со евростандард беше либерализиран, а за т.н. „црни возила“ се разменуваа по 5.000 дозволи. Либерализацијата е во согласност со принципите на „Отворен Балкан“ – објаснува Муратовска.

До крајот на јуни, Министерството за транспорт и врски ќе организира средби и со претставници на Украина и Турција, за да се либерализираат одредени превози на стока или да се зголеми бројот на меѓународни транспортни дозволи.

– Воените судири, кризите во економијата и финансискиот систем мора да завршат, а тоа за нас е шанса да превезуваме стока за санација на сите негативни последици во разурнатите подрачја. Навреме треба да се дефинираат условите, што значи преговорите со Украина се битни за превозите што во наредниот период ќе се зголемат и ќе овозможат зголемен обем на работа – додава Муратовска.

Либерализацијата на билатералниот, транзитниот и превозот за и од трета земја, значи заштеда на време и трошоци за чекање на товарење на стоката.

– Доколку на „Отворен Балкан“ се придружат Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, пазарот дополнително ќе се отвори, а се надеваме дека и со Албанија ќе се овозможи целосна либерализација и на превозот – вели Муратовска. Годинава, Министерството за транспорт ги интензивираше билатералните средби за подобрување на условите за меѓународен превоз на стока, а работите тргнаа со Германија, која беше првата земја со која се зголемија меѓународните транспортни дозволи.

Воведувањето на „Евро 7“ – нов трошок за камионџиите

Предложената регулатива за стандардите „Евро 7“ ќе ги зголеми трошоците за производство на автомобили, комбиња, камиони и автобуси, пренесуваат странските медиуми. За време на траењето на возилото, трошоците за гориво за сопствениците би можеле да се зголемат за 3,5 отсто, што би значело дополнителни 20.000 евра за камиони на долги релации и 650 евра за автомобили и комбиња. Европската асоцијација на производители на автомобили предупредува дека ЕК ги игнорирала овие трошоци во процената за перформансите на „Евро 7“, а вистината е дека тие ќе донесат дополнителни финансиски притисоци врз потрошувачите и компаниите во време на висока инфлација и пораст на цените на енергијата.

– Ова се нови предизвици и нови инвестиции за обновување на возниот парк, неминовност која во континуитет се спроведува. ЕК бара и инсистира на производство на еколошки возила, кои ќе придонесат за општата безбедност на сообраќајот. Од 2013/2014 година кога почнаа да се произведуваат возила со „Евро 6“ до денес, новите евростандарди се појавуваа на пет години, но веќе десет години не се воведуваа повисоки евростандарди. Одлуката за пуштање во производство на возила со „Евро 7“ стандард значи дека тие ќе се возат во европските земји, но за сите други, па и за нашите превозници што возат таму, ќе биде нов удар и посегнување по скапи кредити ако сакаме да не ни пропадне работата – додава Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот