Македонските бели гласачки ливчиња

љубомир костовски
Љубомир Костовски, Фото: Архива

Кои се нашите бели ливчиња? Тоа се токму оние коалициски партнери на СДСМ (тоа се ЛДП, ДОМ, парталчињата од некогашната „Шарена револуција“) кои се издвоија, никаде не освоија градоначалничко место ама го „зијанија“ својот поголем брат. Тоа е исто како да фрлиле бели ливчиња во гласачката кутија.

Ако се пресметаат гласовите на ДОМ, ЛДП, некогашните сегменти на Шарената револуција и оние гласачи што одлучија да имаат пасивен ден за време на локалните избори, си отседеа дома, пред телевизорите, денес би имале поинакви резултати. Суштински! Сликата може да потсетува на фрлањето бели гласачки ливчиња во избирачките кутии пред девет години во Србија, кога земја со силна либертинска интелигенција си направи харакири и се оттргна себеси од можноста да одлучува за себе, за своите деца и за општата, па и регионалната иднина. Некои важни чинители во земјава не умеат да гледаат подалеку од носот, од своите егоистички, неостварени соништа. На сметка на општите квалитети на живеењето.

Неделните аналитички кругови по телевизиските студија по затворањето на избирачките места во неделата започнаа со видливата паника – „што да правиме со гостите“. Прво, ДИК јави дека сè додека не се затвори и последното избирачко место (а имаше продолжено гласање во дузина места) молкот трае. Во студијата имало грицкање на ноктите, пред сè оние што треба да прошетаат по студијата и кои се стандардно аналитични онолку колку што тоа ѝ одговара на опозицијата. Одложувањето на присуството на некои најавени имиња можеби се должи и на фактот дека на ДИК ќе им треба долго да стигнат до вистинските резултати, па толку издолжената ноќ секако расипува многу планови.

Стратегиите од Будимпешта

И ноќта навистина беше долга, а во неа имаше две етапи. Првата фаза беше еуфоријата кај ВМРО-ДПМНЕ, која пренесувана преку стратешки поставените, а сепак присутни (морале) аналитичари требаше да донесе еуфорично расположение, таму надвор и со труби и ора и да означи пресвртница – постојната Влада ќе падне! Добрите резултати на локалните избори требаше, нели, веднаш да се прелеат во нови избори (да не заборавиме, последните парламентарни избори ги имавме пред нешто малку повеќе од една година). И потоа за оние криминалци и сатрапи надвор и внатре ќе дојде „уриетот“, што е нели, крајната цел на сите тактики и стратегии што се кројат во Будимпешта, а се процесираат во онаа зградата наречена шампита на Плоштадот ВМРО-ДПМНЕ.

И сѐ течеше според сценариото. Очајните прогнозери од локалните избори 2017 година, сместени во две ТВ-студија цела вечер – како континуирани коментатори, претходно добро исмеани, со право – беа во функција на медиумските могули. Тие, ќе се види подоцна, го имаа линкот со „победниците“ и промптно реагираа и ја вртеа дискусијата како што се менуваа работите. Притоа, држеа доволно ниво на злоба на лицата, демек дојдоа нивните пет минути. Вербално, а еднаш и со посебен график, тие требаше да бидат круната на вечерниот триумф на црвено-црните. Во принцип тие и одредени новинари, Героски, на пример, беа веднаш да се собираат гласовите за советниците, како да имаме замислена една изборна единица и така да се претворат локалните избори во парламентарни, па власта тукуречи веднаш да се преземе и на централно ниво. И како што рече Латас – двајцата затворени во Шутка, Братучедот и Орце Камчев, да се најдат на слобода!

Да, Данела ете вечерта започна да води во Скопје и многу ѝ помогнало што во првите преброени гласови во Сарај, на пример, за старт, таа добила 500 гласа. Тоа е секако она лоби што незаконски работи на приватизација на кањонот Матка. И кое е во судир со ставот на градоначалникот за статусот на тоа култно место. Но, како се сигурни во таборот на Данела дека тие гласови се истите на кои треба да сметаат и во вториот круг, кој ќе мора да го има? И кога раководството од Мала Речица ќе започне да врти рака на подолните функционери? Дали во таков случај „зелената коалиција“ ќе гласа за Данела или против неа? И кои гласови ќе се бројат во конечниот скор на таа хипотетичка една изборна единица. Оние од првиот или од вториот круг?

Факт е дека со истекот на времето, трубите пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ секнаа и дека ората се прекинаа – или снемало ракија или бројките почнаа да ги разбиструваат одредени глави, но во своето обраќање до нацијата Мицкоски излезе со тезата (онаа број 2) дека треба во овие моменти да се формира некаква коалиција на спасот, на националното единство и слично. (Што би рекол Латас од старите денови – па, па, па).

Ова веќе беше најавено од споменатите аналитичари (оние анкетари, де, од претходните години) и токму како реализирање некаква техничка влада во неколку наредни години, додека не минат кризните моменти (пандемијата, преговорите со Бугарија и слично)! Значи дојдовме до втората фаза или планот Б, штом планот А се покажа дека се изјаловил, односно се погледнал од аголот на можните и очекувани изненадувања во вториот круг на изборите. Со овој нов предлог би ѝ олеснило на ВМРО-ДПМНЕ пред нејзините спонзори и идејни архитекти – би се прескокнале нови предизборни кампањи, политички прегрупирања и слични „дребулии“, секако и меѓународниот притисок врз одредени актери, а оние од затворот сепак би се нашле – надвор! Долг е таму денот, тешко се издржува…

Парталчиња од „Шарената револуција“

Одговорот на Заев дојде веднаш потоа. Беше во стилот дека гледано топтан левицата победува во најголем дел од земјата и дека постојните коалициски партнери во Собранието немаат потреба да се секираат – и на локална власт, по сите прегрејувања во предизборните кампањи, ќе ѝ дојде време на пад на берзанската цена.

Дали може да не се остварат премиеровите процени? Имаме едно слично искуство во соседна Србија. Она со т.н. бели ливчиња од 2012 година кога големите интелектуалци од Белград повикаа да се спуштаат бели ливчиња во гласачките сандачиња. Тие беа разочарани од политиката на Тадиќ „и Косово и Европа“, но потоа во следните девет години, значи сè уште стенкаат под режимот на Вучиќ и немаат ни минимални шанси на какви било избори за макар и трошка власт! Таа грешка секој може како сака денес да ја толкува во либертинскиот дел на Србија, ама направената беља со белите ливчиња и денес одржува темни облаци над тој, поквалитетниот дел од интелектуалците во Србија. А ситуацијата во Белград е следна – и оваа власт реално е на истиот Тадиќев став „и Косово и Европа“!

Кои се нашите бели ливчиња? Тоа се токму оние коалициски партнери на СДСМ (тоа се ЛДП, ДОМ, парталчињата од некогашната „Шарена револуција“) кои се издвоија, никаде не освоија градоначалничко место ама го „зијанија“ својот поголем брат. Тоа е исто како да фрлиле бели ливчиња во гласачката кутија. Замислете сега пред какви сè не нивните кадри ќе бидат изложени како притисок, како ќе изгледа перспективата на земјата во рамките на актуелните менгемиња?

Црвен аларм има – прст во глава пред вториот круг! Пред да ја упропастите земјата, вие „казнувачите“, гледајте неколку чекори барем пред себе.

 

Извор: Цивил медија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот