Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ се враќа во редовниот термин

„Декамерон“ на Прилепскиот театар е меѓу осумте селектирани претстави

Осум претстави на македонските театри се во конкуренцијата за најдобра на 56-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 3 до 11 јуни во Прилеп. Фестивалот по две години се враќа во редовниот термин, почетокот на јуни, откако лани се одржа во октомври, а 2020-та пандемска година беше прескокната.

Селекторот д-р Иван Додовски ги избра претставите „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт, во режија на Ќендрим Ријани на Битолскиот театар, „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска на Струмичкиот театар, „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин на Турскиот театар, „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски на Прилепскиот театар, „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши на Албанскиот театар, „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов на Театар Комедија, „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ на МНТ и „Се викам Горан Стефановски“ („My name is Goran Stefanovski“) во режија на Бранислав Миќуновиќ на Драмски театар.

Според селекторот Додовски, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерката Бедија Беговска, доајен на Турскиот театар, и драмскиот писател Русомир Богдановски. Придружната фестивалска програма дополнително ќе биде објавена.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот