Македонскиот Рубикон

Марин Гавриловски

Меѓународните односи не познаваат, а уште помалку признаваат реверзибилни процеси од типот на повлекување на еднаш веќе прифатени обврски, па оттука какво било замајување на јавноста од типот на тоа дека некогаш ќе можеме да ја отфрлиме Преговарачката рамка или да ја измениме е приказна за мали деца.

Alea iacta est, рече Димитар Ковачевски и замина за Брисел на Првата меѓувладина конференција, на која почна „фазата на отворање“ на пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија. На овој, сепак, историски чин, му претходеше прифаќањето од македонската влада на контроверзниот „француски предлог“ со кој Македонија се обврза да ја прифати преговарачката рамка со Унијата, во која беа вметнати и билатералните отворени прашања што ги имаме со Бугарија. Овој преседан наиде на негодување не само на дел од нашата стручна и општествена јавност, туку и од голем број странски аналитичари и познавачи на односите во ЕУ.

Но, како и да е, одлуката е веќе донесена и преговарачката рамка е прифатена. Последиците од ова најдиректно ќе ги почувствува владејачката СДСМ и нејзиниот лидер Ковачевски на следните избори, без оглед на тоа дали тие ќе бидат редовни или вонредни.

Секако, меѓународните односи не познаваат, а уште помалку признаваат реверзибилни процеси од типот на повлекување на еднаш веќе прифатени обврски, па оттука какво било замајување на јавноста од типот на тоа дека некогаш ќе можеме да ја отфрлиме Преговарачката рамка или истата да ја измениме е приказна за мали деца. Затоа разочарува ставот на првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев, кој предлага ревизија на Преспанскиот и Договорот за добрососедство. Само луѓе кои немаат допирна точка со реалноста и начинот на кој функционираат меѓународните односи може да предложат такво нешто.

Во оваа позиција во која, по непромисленото прифаќање на штетниот за нас „француски предлог“ се најде државава, колку и да сме ние против она што тој предлог го предвидува, не ни останува ништо друго туку да се обидеме, прво да постигнеме национален консензус за тоа дека нашиот пат води кон евроинтеграција и, конечно, полноправно членство во ЕУ и, второ, дека треба да се обединат сите сили, опозициски, владејачки, слободномислечките интелектуалци, сите граѓани без оглед на националната припадност, споменати или оние кои допрва ќе бидат споменати во Уставот, и да направиме таква стратегија која ќе ни овозможи преговарачкиот процес да го поминеме со што е можно помалку пречки и во што е можно побрз временски интервал. Сè друго ќе нè одведе во ќорсокак, ако не и во бездна од која нема враќање назад.

Пусти желби

Во нашата триесетгодишна историја како независна држава, во повеќе наврати се наметнувала потребата за национално и државно обединување. За жал, тоа досега се нема случено. Нема ниту едно прашање по кое ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, заедно со партиите на Албанците во Македонија, донеле одлука која сите заедно ја поддржале и заедно ја реализирале. Можеби сега е моментот да се донесе и спроведе таква одлука.

Се разбира, ова се само пусти желби на авторот на овие идеалистички (а со самото тоа и нереални и неостварливи) редови. Претставниците на политичките партии побрзаа да го потврдат тоа. Владејачката СДСМ, заедно со своите коалициски партнери, си одржа „приватна“ прослава во Клубот на пратеници, на која присуствуваа само мал број на одбрани претставници на нашата политичка „елита“ (или што би се рекло, прославата помина „скромно, во кругот на семејството“). Со тоа покажаа колку немаат чувство за реалната состојба на работите и за тоа дека големото мнозинство граѓани (независно од мислењето на ВМРО-ДПМНЕ) смета дека „францускиот предлог“ е штетен за Македонија и дополнително го зголемија јазот помеѓу граѓаните и власта, што многу добро ќе се забележи и во анкетите кои овие денови се прават со цел да се „измери“ револтот на граѓаните.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ со предлогот за референдум на кој би се одлучувало најверојатно за, како што тие велат, прифаќање или не на преговарачката рамка манифестира епско непознавање на меѓународните односи достојно за подбив. Прифаќањето на преговарачката рамка е веќе завршена работа и мала и безначајна држава како Македонија ниту ќе може да ја измени ниту пак да ја отфрли (кога веќе еднаш ја прифатила). Несмасноста на првите луѓе на ДПМНЕ може да се види и од фактот што тие само до пред еден месец, додека во државава се водеше дебата за прифаќање или не на „францускиот предлог“, во моментот кога Владата (сакајќи да ја дисперзира одговорноста) предложи за предлогот на Макрон да расправа Собранието, изјавуваа дека Владата треба сама да одлучи за Преговарачката рамка, а не да бара поддршка од Собранието, бидејќи прифаќањето на рамката било работа на Владата. Ако е тоа така, што ли се смени во ставот на ДПМНЕ штом тие одеднаш сакаат она за што, според нив, треба да одлучува Владата, да се става на референдум. Народниот мудрец би рекол: „После смрт, болест“.

И наместо да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа, за жал, власта и опозицијата уште долго ќе си играат пинг-понг, префрлајќи си го топчето кое на едната страна има натпис „предавници“, а на другата „кукавици“. Полза од тоа нема да има никој, ниту тие ниту граѓаните желни за нормален живот.

„Да требало да се гледа назад, би имале очи на тилот“

Поразителен е фактот што лидерите на двете најголеми партии во државата не се свесни дека со прифаќањето на Преговарачката рамка, Македонија го помина својот Рубикон и дека од таа позиција нема враќање назад, туку единствено и само треба да се оди напред. Познатиот српски писател Борислав Пекиќ напишал: „Треба да се гледа напред. Бидејќи да требало да се гледа назад, би имале очи на тилот“. Колку побргу оваа мудрост ќе допре до зовриените глави на нашите политичари секогаш подготвени за кавга и конфликт, толку побргу Македонија ќе излезе од пат позицијата во која сега се наоѓа и ќе го отпочне патот кој на крајот треба да доведе до полноправно членство во Унијата.

Првиот чекор кој е пред нас е измената на Уставот. Добриот маневар на Ковачевски вметнувањето на Бугарите во Уставот да го релативизира, па дури и да го банализира со додавањето и на Хрватите, Црногорците, Египќаните, па дури и на Евреите, е добар политички потег кој позицијата на ДПМНЕ ја прави многу полесна кога треба да се одлучи дали да ги прифати уставните измени. Бидејќи тешко ќе биде Мицкоски да објасни (доколку и има нешто против Бугарите, а не треба да има), што има против Црногорците, Хрватите и Евреите?

Многу полесно ќе му биде да застане заедно со Ковачевски и заедно да ги протуркаат уставните измени со што топката повторно ќе ја вратат на теренот на ЕУ. Тогаш ќе видиме дали на патот кон е ЕУ поддршката од типот „ние сме со вас“, дадена од Фон дер Лаен, Мишел, Шолц и Макрон, ни е реален ветар во грбот или, пак, повторно ќе се соочиме со нова блокада од нашиот источен сосед.

( Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот