Македонскиот репрезентативец Стојановски потпиша за Горица

Фото: hnk-gorica.hr

И официјално Влатко Стојановски направи трансфер во редовите на хрватскиот клуб Горица доаѓајќи од редовите на францускиот клуб Ним.

24-годишниот македонски репрезентативец доаѓа како слободен играч, а договор потпиша до мај 2024 година.

– Се чувствувам одлично, мило ми е што дојдов во добро организиран клуб, кој секоја година напредува сè повеќе и има големи амбиции. Ми се допаѓа хрватската лига, ја следев досега и мислам дека е многу квалитетна – рече Стојановски, кој ќе го носи бројот 70 на својот дрес.

Кариерата ја започна во Македонија, последен клуб му беше францускиот Ним Олимпик, од кој замина на позајмица во Шамбли, а играше и во Хрватска.

– Почнав од Металург, каде играв две сезони за првиот тим, потоа поминав година и пол во Хрватска, во Сплит и Дугопоље, а потоа следеше враќање во Македонија. Играв една и пол година во Ренова, завршив како најдобар стрелец во лигата и оттаму се преселив во Франција на две години. Мотивиран сум, подготвен и очекувам само добри резултати – додава Стојановски.

По потпишувањето и фотографирањето, Стојановски се запозна со стручниот штаб и се приклучи на тимот, со кој денеска ќе го одработи својот прв тренинг.

За најдобрата македонска репрезентација досега одигра девет натпревари, постигна два гола, а играше и на претходното Европското првенство, кога излезе од клупата за резерви во поразот од Холандија.

Видео на денот