Македонскиот писател Александар Прокопиев е застапен во врвна европска публикација

Најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности „Les Lettres Europeénnes“ неодамна излезе од печат во Париз. Автори се четворица универзитетски професори: Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, а тие соработуваа заедно со двесте книжевници од Европа. Предговорот на изданието е на нобеловката Олга Токарчук.

Во ова капитално дело од речиси 1.200 страници, во 16 поглавја, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од средниот век до денес, информираат од „Прозарт медија“.

Меѓу значајните имиња на современата европска литература, во ова издание, во неговото последно поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“, се анализира и прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев. Тој е застапен помеѓу авторите: Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович, Људмила Улицкаја.

По кусата биографија, следува анализа на неговата поетика во „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“, со цитирани мислења за неговата раскажувачка постапка од Владислав Бајац и Георги Господинов. Поетиката на Прокопиев се сместува во таа на инвентивни раскажувачи, како Бартелми, Калвино. „…тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи многубројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка“, се заклучува во освртот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 114, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот