Македонскиот пат до пеколот

Благојче Атанасоски

Дали Зоран Заев е толку политички жилав и јак или, пак, неговиот противкандидат за премиерското место е тотален политички аналфабет, без елементарно чувство за тоа како функционира политиката кај нас, односно како се доаѓа на власт.

Во држава во која политичката борба, наместо со аргументи и џентлменство во партиско-политичкото функционирање, се води со најпримитивни, најдолни и елементарно некултурни методи и реторика, не е за изненадување што понудата од премиерот Зоран Заев до опозицијата за заедничка управувачка влада беше дочекана како „гром од ведро небо“. Дотолку што никој не веруваше дека ќе биде прифатена. Напротив, веднаш беше одбиена со индигнација од раководството на опозицијата, парафразирам: прво ќе ја поразеле мафијашката и криминална власт на кланот Заеви, па потоа ќе биле власт.

Честопати сум говорел дека бескомпромисната борба помеѓу политичките елити кај нас во изминативе три децении на повеќепартизам е една од клучните работи што нас нѐ влече удолу и како општество и како граѓани и, надополнето со ендемската партизација/кронизам, не дава ни минимални шанси ние да направиме ниту квалитативен ниту квантитативен исчекор напред на кое било поле. Таа „карлшмитовска“ борба до истребување помеѓу левицата и десницата ни одзема невидена енергија, односно наместо општествената енергија да ја претвориме во трансформациско дејствување за да го подобриме квалитетот на нашите животи во секој контекст, ние од неа создаваме „македонски пат до пеколот“, од кој единствен излез, за жал, ни стана неговата „светост“ – бугарскиот пасош.

Влада на национален спас или амбис?!

Првиот човек на Владата ја фрли ракавицата кон првиот опозиционер, можеби повеќе како наметнување една нова политичка тема која ќе биде дискутирана во јавноста, т.е. за дефокусирање од „вечните теми“ годинава – справувањето со ковид-пандемијата, доцнењето на нарачаните вакцини, предвидениот попис, тешкиот историски спор со Бугарија. Како и да е, Заев направи еден шах-мат политички потег: прво побара гласање за доверба на сопствената влада, малку невообичаено за нашите политички околности, бидејќи секогаш тоа гласање било иницирано од опозицијата. Но, овој пат за да ги неутрализира најавите на Мицкоски за неговото фантазмагорично ново парламентарно мнозинство со кое ќе „падне владата на Заев“ и, второ, да ја тестира довербата на помалите коалициски партнери (ЛДП, ДС, па дури и БЕСА), дали ќе му останат лојални и понатаму или можеби навистина би влегле во некои други „матемачко-прецизни“ комбинаторики за навистина да создаде ново парламентарно мнозинство. Во перцепцијата на (ФБ) јавноста Заев излезе „победник“, а Мицкоски губитник, па затоа и беше таа нервозна реакција напишана од страна на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ по повод изгласувањето довербата на Владата на Заев на социјалната мрежа. Во изминативе речиси четири години на власт, „муртинецот“, како што пежоративно сакаат да го навредат неговите противници, ѓомити навредувајќи го неговото селско потекло (од друга страна се прават сенародна партија, која се грижи најмногу за маката на селаните), покажа неверојатна политичка „селска“ итрост, лукавост и жилавост, притоа добивајќи го на крајот тоа што го сака, т.е. тоа што го замислил. Тоа е одраз на интуицијата за преживување, за адаптирање на новонастанатите околности и способност за пресудување во даден политички момент – кој чекор да го преземете, кој ќе биде најдобар за вас, т.е. за вашиот личен политички опстанок.

Во Македонија победуваат најперфидните

Напати сум нагласил дека е просто е неверојатно како при мандат со кој се  промени уставното име на Македонија (за севкупна употреба), се случи невидената афера „Рекет“ со која се урниса Специјалното јавно обвинителство, а со тоа и умре надежта за правда и се случија голем број корупциско-непотистички скандали, Заев о(п)стана на власт. Во секоја друга конјуктура на политичките односи во минатото таква влада во Македонија би треснала како метеор на земја.  Сепак, се поставува  клучното прашање: дали Зоран Заев е толку политички жилав и јак или пак неговиот противкандидат за премиерското место е тотален политички аналфабет, без елементарно чувство за тоа како функционира политиката кај нас, односно како се доаѓа на власт и е политички слеп, не можејќи да го разбере тестот на времето и на надворешнополитичката траекторија која на Македонија ѝ беше можеби насила, преку Преспанскиот договор трасирана од Нивице, па наваму во иднината. Кога сте самобендисан, надмено самозаљубен, исфрустриран и искомплексиран, а во суштина без елементарна политичка самодоверба во своето функционирање и не прифаќате ниту една (добро)намерна критика, ниту пак совет, тогаш не може да ви помогнат ниту психијатрите, а камоли советниците. Зрел човек, вината за своите порази во животот ја бара кај себе и презема лична одговорност за тоа. Тоа е одраз на карактер, доблест, образ, па ако сакате и честитост. Непораснато инфантилно мало дете се лути на сите и секогаш вината ја бара кај друг. И тоа е одраз на карактер, само од тие најкласичните македонски – во најлошата варијанта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот