Македонскиот јазик е далеку поважен од личната промоција, вели Љутков откако Груевска го критикуваше за неговата работа
Откако Симона Груевска, довчерашната претседателка на Советот за македонски јазик, упати низа критики за работата на Министерството за култура и Владата и рече дека „никој не се грижи за македонскиот јазик“, со своја реакција се јави ресорниот министер Зоран Љутков. Тој тврди дека кога ја примил нејзината оставка „се договоривме да ја избегнеме јавната полемика токму за да го заштитиме угледот на Советот за македонски јазик и да не го вовлекуваме прашањето за македонскиот јазик во непотребни политички препукувања“.
Препорачано
Груевска рече дека за одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик Владата и Министерството за култура и туризам не одвоиле буџет, а притоа „полни им се устите со македонскиот јазик“.
Од друга страна, Љутков тврди дека за одбележувањето тие се ангажирале „сериозно и системски“.
„Согласно заклучоците од четириесет и петтата седница на Владата од 21 јануари 2025 година, Министерството за култура и туризам, во соработка со Министерството за образование и наука и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, формираше Координативно тело во кое учествуваа претставници од Кабинетот на Претседателот, Канцеларијата на Претседателот на Владата, Македонската академија на науките и уметностите, Советот за македонски јазик, државните универзитети, Јавното радиодифузно претпријатие Македонска Радиотелевизија и други релевантни институции.
Во рамките на ова тело интензивно се работеше на сеопфатна Програма која опфаќаше свечена академија во МАНУ под покровителство на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, културно-уметничка програма во Македонскиот народен театар под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски, настани во училиштата и универзитетите, како и низа активности за иселениците и странските лекторати преку дипломатско-конзуларните претставништва и културно-информативните центри. Средствата беа обезбедени во рамки на одобрениот буџет за 2025 година, при што секоја институција придонесуваше со своја програма и ресурси. Не станува збор за ‘немање пари’, туку за координиран, институционален пристап кој ја надминува индивидуалната ангажираност“, вели Љутков.
Тој негира дека сè било направено без пари и дека Груевска работела без надомест, туку таа за својата работа била „соодветно платена на месечно ниво“.
„Непристојно е да го негирате Советот за македонски јазик, тоа се врвни професионалци со огромно искуство и признание. Во врска со Националната стратегија за македонскиот јазик, работната група беше формирана во јануари 2026 година, откако претходно беа направени сите потребни подготовки. Процесот навистина траеше подолго од очекуваното, но причината не беше занемарување, туку комплексноста на задачата и потребата од широка и темелна консултација со засегнатите страни“, вели Љутков.
Според министерот, забелешките за Националната стратегија за култура се доставуваат до Министерството за култура и туризам, а не директно до Собранието. Со доставувањето до Комисијата за култура во Собранието, вели тој, постапката ви е формално погрешна.
„Не е точно дека немало комуникација. Координативното тело и работните групи беа токму местата каде се водеа сите суштински прашања поврзани со македонскиот јазик. Барање за лична средба, не е официјално доставено до мене, иако јас секогаш бев достапен и покрај бројните паралелни обврски. Г-ѓа Груевска, Вашата оставка ја примивме со почит. Меѓутоа, објавувањето на Вашето образложение на ваков сензационален начин, со селективно прикажување на фактите, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои сериозно и посветено работеа на јубилејот. Македонскиот јазик е далеку поважен од било чија лична промоција и мора да остане над партиски и персонални пресметки. Останувам отворен за конструктивна соработка со сите кои навистина се грижат за македонскиот јазик и идентитетот“, пишува Љутков во реакцијата што ја објави на Фејсбук.


