Македонскиот филм „Скаут“ селектиран на престижниот фестивал „Л.А. Шортс“ во САД

скаут

Краткометражниот филм „Скаут“ во режија на Алекс Цветков е селектиран во компетитивната програма на најзначајниот филмски фестивал за краткометражен филм во светот „Л.А. Шортс“ што ќе се оддржи од 17 до 25 јули во Лос Анџелес, Калифорнија.

„Л.А. Шортс“ важи за официјален квалификациски настан за наградата за кратки филмови на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА). Најголем дел од филмовите селектирани на овој фестивал речиси секоја година се дел од селекцијата во трката за „Оскар“.

Краткометражниот „Скаут“ е научно-фантастичен филм работен по сценарио и режија на Алекс Цветков, син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој стекна светска слава работејќи на холивудски филмови како „Шиндлерова листа“, „Патриот“, „Ничија земја“ и др. Младиот Цветков студира режија во Лос Анџелес, а овој дебитантски филм е негова дипломска работа.

На филмот работеше македонската екипа, продуцентот Сашо Пешев, кој е носител на проектот преку продуцентската куќа „Ново македонско видео“, кинематографот Дејан Димески, а визуелните ефекти на филмот ги работеше студиото за пост продукција од нашата земја, „Видео Хаус анимејшн и македонски артисти“. Копродуценти се: „МФ продукција“ на Игор Нола од Хрватска и Рок Цветков и Вања Сремац од Словенија.

Кастингот на филмот е интернационален, а главните улоги ги толкуваат Мозес Гомез – Сантош, Хоџи Фортуна, Ула Фурлан и др.

Дејството на филмот е дистопија, се случува во дехуманизирано општество во кое апликацијата „Скаут “е најпопуларната социјална мрежа меѓу луѓето, преку која тие споделуваат видеа во живо или вести, за што добиваат пари. Колку е подобар стримингот што го имаат, толку повеќе пари и популарност ќе заработат.

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

„Скаут“ беше премиерно прикажан на затворањето на минатогодишното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот