Македонскиот „дијамант“ Елмас: Оваа шанса не смееме да ја пропуштиме

Елиф Елмас, една од најголемите македонски фудбалски надежи/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Поради жолти картони немаше право на настап во Палермо во полуфиналниот натпревар против Италија, но ќе биде во составот за финалето во вторник против Португалија во Порто за пласман на Светското првенство во Катар 2022.

Елиф Елмас, играчот на Наполи, една од најголемите македонски фудбалски надежи веќе тренира со своите репрезентативни колеги за најголемиот меч во историјата на нашата А селекција.

– Можеби еден од најтешките натпревари, еден од највозбудливите досега, за сите играчи што сме тука. Нè делат 90 минути да го исполниме детскиот сон, за сите, за цела нација. Оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, да изгинеме максимално за да успееме да стигнеме до Катар.

Ќе биде поразличен меч од оној во Палермо, мислам дека индивидуално Португалците се поквалитетни од Италијанците, знаат дека е финале, и не смеат да нè потценат, а би сакал да нè потценат. Од секој аспект ќе биде поразличен, затоа што е финале и само 90 минути ги делат двете репрезентации од пласман на Мундијалот – рече Елмас.

Македонскиот фудбалски „дијамант“ последниот репрезентативен настап го имаше на 14 ноември 2021 година во триумфот над Исланд (3:1) во Скопје со два гола и така придонесе за првпат да се најдеме во мундијалски бараж.

МУСЛИУ: Знаеме дека можеби еднаш во животот ни доаѓа ваква шанса

– Емоциите завршија за натпреварот со Италија, сега сите погледи ни се насочени кон мечот против Португалија. Мора да се потрудиме, знаеме дека можеби еднаш во животот ни доаѓа ваква шанса. Тоа значи дека треба да го дадеме максимумот, да се потрудиме да триумфираме и да испишеме нова историја. Нормално, секој натпревар е различен, но знаеме дека пред нас е тежок натпревар со многу притисок на наша и на нивна страна, и тоа мора да го споредиме со нашата професионалност. На хартија Португалците се фаворити, така многумина мислат, но ние не мислиме така, знаеме за каков квалитет станува збор. И Италија имаше квалитет, бидејќи е актуелен европски шампион, но тоа не значи дека ние немаме никакви шанси – вели репрезентативецот на Македонија, Висар Муслиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот