Македонски музички архив: Излезе првиот том на „Македонски рок времеплов“

Монографијата „Македонски рок времеплов“ од Тошо Филиповски, капитална книга со енциклопедиски карактер, која содржи 1.500+ датуми што ја детерминираат македонската музика, беше промовирана на 16 февруари во МКЦ – Клуб и ресторан.

Откако пасионираниот собирач на музички артефакти, изданија (винили, касети, компакт-дискови, ленти) и информации (списанија, фанзини, постери, флаери) за македонската рок-сцена, Тошо Филиповски, го објави првиот том на „Македонска рок енциклопедија“ (1963-2018) во 2018 година и првиот том на книгата „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“ во 2019 година, на ред дојде и првиот том на монографијата „Македонски рок времеплов“. Станува збор за нова капитална книга од едицијата „Македонски музички архив“. Книгата се појавува точно седумнаесет месеци по објавувањето на „Македонска дискографија: Винили“ и 30 месеци по објавата на „Македонска рок енциклопедија“.

– Процесот на документирање на историјата на македонската рок-сцена, колку и да се трудев да бидат сеопфатен со објавата на претходните книги, и по објавата на оваа монографија ќе остане недовршен. И веројатно, а се надевам дека ќе биде така, таа историја и во иднина ќе ја допишуваат, анализираат и дополнуваат некои нови генерации, вљубеници во домашниот рокенрол звук. А верувајте дека има што да се документира. Иако навидум мала, нашата сцена е доволно развиена и сериозно богата со артефакти, но, за жал, тотално неистражена и несоодветно архивирана. А тоа значи дека има простор за работа и во следните петнаесетина години, ако се забележува со вакво темпо. Информациите што ги запишав овде се, можеби, кратки, но кога оваа и двете претходни книги ќе се соединат и паралелно се разгледуваат, приказната за македонската музика добива една поинаква, филмска димензија – посочува авторот на монографијата Тошо Филиповски.

Тошо Филиповски досега објави три капитални дела за македонската рок-музика

Најновата книга на Тошо Филиповски, во која се прибележени датуми на раѓање на музичари, објавување албуми, промоции, концерти, фестивали, изложби и сè што е поврзано со домашната сцена, музичката индустрија и со урбаната култура ќе отвори нови перспективи на редоследот на настаните кои низ децениите наназад ја креирале богатата и силна рок-историја, истакнува Михајло Грбевски – Мишко, поранешен новинар од областа на македонската рок-култура и организатор на концерти.

– Ваквиот потфат бара голема посветеност затоа што собирањето на податоците бара професионална посветеност и голема трпеливост. Ако се има предвид дека податоците се прибирани од архивите на дневните и неделните весници и другите електронски медиуми, како и од усните прераскажувања, јасно е дека тука може да има големи несогласувања. Токму поради тоа Филиповски повеќе енергија губи во проверка на веродостојноста на податоците, пред сè, на оние кои се однесуваат за настаните што се одржувале во живо низ градовите од нашата држава, но и за оние настани поврзани за домашните музички имиња кои се случувале надвор од границите на Македонија. Тошо Филиповски тоа го прави со голема професионалност, со огромен ентузијазам и посветеност, затоа што знае дека оваа публикација треба да остане како документ за македонската рок-историја за некои идни генерации – посочува Грбевски.

Во својот предговор кон монографијата „Македонски рок времеплов“ музичкиот новинар Ненад Георгиевски забележува дека кај нас не постојат архиви, книги и документи кои документирале минати постигнувања и кои се лесно достапни за увид во тоа што е сработено, градено и промовирано со годините.

– Музиката отсекогаш си имала свое важно место во општествениот живот на било која држава. Општествената и политичка клима од која било ера се одразуваат преку уметноста, каде што музиката е најмоќното и најинспиративно изразување и пренесување на идеи. Ги отсликувала емоциите на луѓето, но била и моќен преносник на идеи и мисли, но и ги придвижувала луѓето. Може да се каже дека македонската ДНК е вткаена во музиката. Книгата на Тошо Филиповски е интересна временска машина во минатото и е интересен водич за нешто што се нарекува поп-култура во Македонија, како таа била поимана и како се менувала со годините. Како мало парче земја, потребни се докази и факти за тоа што се случувало во државава. Таа не постоела како изолиран и заборавен остров и музичката култура, туку со годините ја граделе подеднакво и тие кои создавале и тие кои ја пренесувале и тие кои уживале во музиката. Потребни се тие факти и за да се види колку е некој во чекор со светот кој постојано се менува и го диктира темпото. Затоа не смее да се остават нештата да бидат прекриени од заборавот, бидејќи уметноста бара комуникација со секојдневието – заклучува Георгиевски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 69, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот