Македонски историчари: Понижување е да се зборува за тоа дали Гоце Делчев бил Македонец

Претставници од Институтот за национална историја денеска во рамки на одбележувањето на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев се сретнаа со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери. Во фокусот на средбата беше објавувањето на зборник и предизвиците кои Институтот за национална историја ги има, информира Катерина Тодороска, претседателка на одборот за одбележување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

– Сакавме да влеземе во македонското Собрание, како највисок Дом на онаа држава која што Гоце Делчев ја сонувал, која ние денеска ја имаме и која треба да ја одржиме. Нашиот апел беше господинот Џафери да ни помогне во другите наши активности, во објавување на еден зборник. Тој не само што се потруди да помогне, туку рече и дека ќе ни ја обезбеди салата во Собранието за да направиме една голема промоција на зборникот, изјави Тодоровска.

На средбата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Тодороска рече дека разговарале и за нивната потреба да бидат одделени или изолирани од притисоците на политиката.

– Затоа што во науката вие работите со документација, документацијата е неумолива, вие треба да ја сместите документацијата во простор, време, меѓу луѓето кои што тогаш живееле, не онака како што од денешен агол се гледаат работите или да се оди по желба или по потреба на некоја политичка елита, рече Тодоровска.

Историјата работи во време на документација, а документацијата се сместува во време  и простор кога се одвивале настаните при што се доаѓа до еден заклучок, а тоа е дека Гоце Делчев е Македонец, вели Тодороска.

Професорот Тодор Чепреганов вели дека  е понижување да се зборува за тоа дали Гоце Делчев бил Македонец.

– Разговорите меѓу историските комисии треба веднаш да се прекинат затоа што ние сме постојано во ситуација да бидеме уценети. Нема поголемо понижување од тоа да се преговара за сопствената историја, вели Чепреганов.

Претседателот на  МАНУ Љупчо Коцарев вели дека Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба значат разнебитување на Македонинја.

– Сите резолуции и прокламации што не се конзистентни со двете премиси на македонизмот, а такви се и договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор, претставуваат извор на сите наши витални проблеми, значат разнебитување на  Македонија, нагласува Коцарев.

На научната конференција посветена на Гоце Делчев беше промовирана и поштенска марка марка посветена на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а отворена е  и  изложбата „Портрети на Гоце Делчев” од академскиот сликар Ангел Петров, специјално подготвена за овој настан.

Видео на денот