МАКЕДОНСКИ центар за фотографија: „Сеќавања“ за Првата светска војна

По повод 20-годишнината од основањето, Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) подготвува повеќе настани посветени на заштитата и промоцијата на фотографијата и фотографскиот медиум.

Меѓу настаните што МЦФ планира да ги реализира во текот на 2020 година, веќе е подготвена изложбата на фотографии „Сеќавања“ на Роберт Јанкулоски. Изложбата содржи 102 фотографии инспирирани од Првата светска војна, на кои ќе бидат прикажани остатоците од Големата војна, или како што апсурдно ја нарекувале „војна за крај на сите војни“. Покрај фотографиите на Јанкулоски ќе бидат изложени и стари фотографии на Јанаки и Милтон Манаки, Кирил Миноски и Зафир Ошавков.

Фотографиите се снимени на локации каде што се протегал Македонскиот фронт, познат и како Солунски фронт, или како што Французите го нарекуваат Фронт д’Ориент. Целта на изложбата е да се зачуваат од заборав настаните за време на „заборавениот фронт“ и да нè потсетат на милионите жртви и цената што ја платило човештвото во валута за која нема надомест.

Истовремено со изложбата се планира да биде прикажан и документарниот филм „Сеќавања“ на авторот Јанкулоски, во кој се зборува за Македонците на Македонскиот фронт, како и за човекот чие срце почива на легендарниот врв Кајмакчалан на планината Ниџе, д-р Арчибалд Рајс.

Изложбата и проекцијата на филмот се во продукција на Македонскиот центар за фотографија во соработка со Националната галерија, проектот „Сеќавања“ финансиски е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Скопје, а настанот ќе се одржи по стивнувањето на ситуацијата со коронавирусот.

Авторот Роберт Јанкулоски (1969, Прилеп) е основач на Македонскиот центар за фотографија во 2000 година, го реализира истражувачкиот проект „Стара македонска фотографија“, а од 2014 година е декан на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, каде што предава фотографија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 22, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 март 2020)

Видео на денот