Македонската радио-телевизија за една година „емитувала“ долг од над 2 милиони евра

Во 2023 година наместо законски планираните 18,5 милиони евра биле префрлени само 10,9 милиони евра. Од МРТ велат дека и покрај тоа, програмската шема е на завидно ниво

Со 14 ката зграда, 5 програмски телевизиски сервиси, четири радиоканали и со сателистка програма, Македонската радио-телевизија е гломазна институција, која е тешко да биде финансиски одржлива. Со приходи од безмалку 16,3 милиони евра и со расходи од 18,1 ланската година ова јавно-дифузно претпријатие ја завршило годината со минус од 2,1 милиони евра. Во 2022 година, пак, минусот бил околу 650.000 евра.

Но, националниот радиодифузен сервис насекаде во светот се финансира од државниот буџет. Минатата година од државниот буџет за функционирањето на МРТ сме платиле 10,3 милиони евра, но средствата биле значително под законски определениот процент, пишува во Извештајот за работењето на ЈРП МРТ што вчера беше поставен на матичната собраниска комисија во Собранието.

„Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми основен извор за финансирање на тековното работење се средствата за финансирање на радиодифузната дејност што ЈРП МРТ ги добива од Буџетот на РСМ“, пишува во Извештајот.

Но, според тамошното тврдење, почнувајќи од 2021 година кога е укината радиодифузната такса, средствата што им се кратат од година во година веќе ја надминуваат цифрата од 10 милиони евра на годишно ниво.

„Во 2023 година наместо законски планираните 1.140.500.000 (18,5 милиони евра н.з.), по овој основ беше остварен вкупен приход од 670.500.000 денари (10,9 милиони евра н.з.)“, пишува во Извештајот.

Во Извештајот е објаснето дека минатата година во јули имало измени на Законот за ААВМУ, според кои за финансирање на радиодифузната дејност место 1% од вкупно остварените приходи на државно ниво, радиодифузната дејност се финансира со 1 процент од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија. Но, како што е потенцирано, ниту тоа не е испочитувано.

Од МРТ влеат дека и покрај намалените пари, програмата не трпела.

„Во делот на програмската содржина, односно производство на сопствена програма, копродукциски проекти, како и откуп на готови програмски проекти или лиценци за емитување позначајни настани, и покрај постојаните намалувања на средствата за финансирање на радиодифузната дејност, МРТ успеа да ја одржи програмската шема на едно завидно ниво и да не отстапи од законските одредби, па во таа насока по овој основ беа реализирани трошоци во вкупен износ од 395.450.060 денари (6,4 милиони евра н.з.)“, пишува во Извештајот.

Инаку, за откуп на лиценцирани права за емитување филмови, серии, детски анимирани серии и документирани емисии од најразлични жанрови на ТВ програмските сервиси на МРТ, реализирани се трошоци од нешто над 1 милион евра. За нова опрема, пак, фактурирани биле 1,4 милиони евра.

Во извештајот е нотирано и дека МРТ ги зголемува своите обврски. На крајот од 2022 година долговите изнесувале 8 милиони евра, за да на крајот од 2023 година се искачат на 10,3 милиони евра. Според образложението, тоа е резултат на склучени договори во земјава и во странство за откуп на програма и за инвестиции во нова технологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот