Во натпревар исполнет со резултатски пресврти и крајно драматичен финиш, МЗТ Скопје со 84:82 го совлада Работнички на турнирот од АБА2 лигата кој се игра во Сараево.
Одлучувачки момент за натпреварот беше серијата од 8:0 на кошаркарите на МЗТ Скопје во финишот од натпреварот, односно во последните две минути од средбата.
Натпреварот го одбележаа мини сериите на двете екипи во сите четвртини. Средбата започна со 5:0 за МЗТ Скопје по што Работнички возврати со серија од 1:10 и првата четвртина ја добија со 17:21. Втората четртина повторно подобро ја отворија „металците“, направија серија од 10:2 за три ипол минути, а водството го задржаа до одморот (41:34). Третата четвртина помина во знакот на кошаркаритена Работнички кои постојано се обидуваа да ја вратат резултатската неизвесност иако во 25. минута имаа и двоцифрена негатива (54:42) по тројката на Дамјан Стојановски. Сепак, упорноста во последните две минути од третиот дел им кога губеа со 63:50, им донесе серија од 0:11 благодарение на тројките на Николовски, Балмазовиќ и Мулалиќ.
Последната четвртина помина во резултатска неизвесност до самиот крај иако и двете екипи имаа свои мини серии со кои можеа порано да го решат прашањето околу победникот. Во последните две минути од натпреварот се влезе со предност на Работнички од 76:80, но потоа следеше серија од 8:0 на МЗТ Скопје со која беше решен победникот. Прво Крстевски постигна тројка, потоа Магдевски со двете слободни фрлања го донесе својот тим во предност од 81:80, а победата ја завери капитенот Дамјан Стојановски од линијата за слободни фрлања.
Крстевски со 19 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, каде се истакнаа и Бојиќ и Стојановски со по 14 поени, додека кај Работнички, Демиер Питс даде 20 поени, Младеновски уфрли 17, а Мулалиќ и Балмазовиќ дадоа по 14. поени.
Следните натпревари и двете македонски екипи ќе ги имаат во петок, МЗТ Скопје игра против Ловќен, додека Работнички се среќата со Сутјеска.