Македонската поетеса Наташа Сарџоска доби награда во Риека

На покана на Друштвото на хрватски писатели, македонската поетеса Наташа Сарџоска учествуваше на литературниот фестивал „Пријатели на книгата“ во Риека, Хрватска, заедно со бројни поетски имиња од регионот.
Таа на 11 ноември настапи со свои песни на македонски и на хрватски јазик во македонскиот културен центар „Илинден“, каде што воедно ѝ беше врачена награда за поетска книга објавена надвор од Хрватска за делото „Часови по измама“, во издание на Издавачки центар „Три“. Наградата ѝ ја врачија Валерио Орлиќ и Ерни Џиганте Десковиќ.
Станува збор за шеста нејзина поетска книга, а по романот првенец „Трамонтана“ наскоро ќе излезе од печат и нејзиниот втор роман кај истоимениот издавач.
За наградената поетска книга, рецензија напиша Виолета Танчева Златева.
– И кога ни се чини дека имаме сè, уште зјаат многу празнини во нас што пекаат за пополнување. Каде да ги најдеме „неистражените предели“ со кои можеме да ги населиме? Во себе да ги бараме или во светот за кој немаме чувство дека сосем му припаѓаме? И по кој пат да тргнеме кон нив – потесната и длабока патека на душата или по широкиот друм на материјалниот свет опкружен со илузии, неискреност и „часови по измама“? Но, можеби уште поважно е на тој пат да не се изгубиме себеси – напиша Виолета Танчева Златева.