Македонската нација остана без гаранција за ЕУ

Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија/ Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Ако земјава не ги почне преговорите со Европската Унија, тогаш единственото нешто што сигурно, гарантирано, нè очекува е крајно неизвесната иднина на земјава, не само политичка, во која граѓаните ќе бидат вистинските губитници.

Ако потрагата по гаранции не е ништо друго освен доказ за очајот во кој се наоѓа тој што ги бара, тогаш патот на земјава кон Европската Унија нема да биде многу среќен. Бугарија не гарантира дека ќе прекине со уцените; Унијата не може да гарантира дали и кога ќе станеме нејзина членка; власта нема гаранции дека во ноември ќе ги продолжиме преговорите; само опозициската ВМРО-ДПМНЕ гарантира дека нема да гласа за уставните измени…Ако сè зависи само од нас, поточно од нашите политички елити, тогаш единственото нешто што сигурно, гарантирано, нè очекува е крајно неизвесната иднина на земјава. Не само политичка, за жал.

Во отсуство на гаранции, останува уште дадениот збор во кој ни тој што го дава не е сигурен дека ќе го одржи. Во земјава одамна е изгубена е довербата – речиси неповратно – дека нешто може да се реши заеднички, со договор, со разбирање, со силата на аргументот, а не со аргументот на силата.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок минатата недела во Скопје уште еднаш не потсети дека Македонија не треба да чека гарантно писмо од некого.

Го имате мојот збор, ЕУ нема да ве остави на цедило, вети и ќе остане на зборот. Чекорот што сега треба да се направи е што поскоро да се донесат уставните измени во македонското Собрание со цел во декември да се отворат преговарачките кластери, со што земјата конечно ќе може да стане членка на ЕУ. Ќе дојдам во декември повторно, бидејќи треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата. Знаеме колку е тешко кога се прават уставните измени, за секој глас треба да се борите. Така е и во Германија со цел да не може толку едноставно да се смени Уставот. Затоа мора да се седне на заедничка маса со опозицијата. Тоа е силата на демократијата – порача Бербок.

Опозицијата против

Бидејќи нејзиниот збор не беше сфатен како доволна гаранција, ние (државата) изгледа дека ќе останеме на цедило, не само до декември. Таа седна на заедничка маса со еден од клучните демократски фактори во земјата, со опозицијата, и веднаш стигна резултатот од разговорот.

Ако ме прашувате дали има притисок и дали има непријатни состаноци, ќе ви кажам да, има притисок и има непријатни состаноци. Но, ако ме прашате дали сум подготвен да паднам на тој притисок, ќе ви кажам дека ни милиметар нема да се поместам. Затоа што моите аргументи кои јас ги пренесувам на тие состаноци не се аргументи темелени на инает, туку на логичен след на настаните – изјави Христијан Мицкоски, лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со Бербок, мислејќи на притисокот за промена на Уставот со цел Бугарите да бидат запишани во него, што е услов да продолжат преговорите со ЕУ.

Дека партијата е против промена на Уставот потврди, по којзнае кој пат, и потпретседателот Александар Николоски.

– Сметаме дека тоа не е нешто што Македонија треба го направи, особено што Бугарија со ништо не гарантира дека нема да продолжи да ја уценува Македонија. Промените не треба да се случат затоа што овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени, никој во програмата за изборите не вети дека ќе се случат уставни измени, а граѓаните на избори гласаат врз основа на програма – објасни Николоски, кој исто така беше на средбата со шефицата на германската дипломатија.

Кога ја прашал Бербок дали може да гарантира дека земјава нема да биде уценувана во иднина, таа дипломатски му одговорила дека не може да даде гаранции, туку збор дека ќе ја има поддршката од Германија на патот кон ЕУ.

Зошто Мицкоски и Николоски би го прифатиле советот на Бербок, кога ваквото „не“ на Германија им гарантира многу поголем рејтинг на следната анкета?

Николоски тврди дека неговата партија има концепт – три столба – како Македонија да излезе од овој ќорсокак: „Планот на ВМРО-ДПМНЕ се состои од три сегменти, а предуслов се предвремените парламентарни избори. Првиот е национално издигнување на македонскиот народ, вториот е политичка заштита на идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик, а третиот е финансиски напредок и бенефит за граѓаните“.

Партијата не се откажува од стратешката определба за членство на земјава во ЕУ, ама не нуди никакви гаранции дека уставните измени – ако останат услов без кој не се може – ќе ги има во нејзината изборна програма, дека таа ќе издејствува поповолен договор со Бугарија, дека земјава ќе добие подобри услови од тие во францускиот предлог… Да не зборуваме за фразите од типот издигнување на нацијата и за трите столба, кои висат во воздух – почнуваат од вториот кат – како и столбовите во „Скопје 2014“. Ама, клучно е како да им се верува на збор на првите луѓе на партијата која во десетгодишното владеење го направи најголемиот грабеж во историјата на земјата, која ги урна сите надежи за нејзино членство и во НАТО и во ЕУ, на тие кои никогаш не се оградиле од криминалот на нивните претходници? Ако воопшто нешто „гарантира“ опозициската партија тоа е ќорсокак од кој ќе биде уште потешко да се најде излез. Се разбира, нема гаранции ни дека Мицкоски ќе состави влада, дури и да победи на изборите, на кои толку многу инсистира и ги нуди како решение на сите проблеми.

Оптимизам кај власта

Владејачката коалиција не попушта во напорите да ја убеди јавноста дека по влегувањето на Бугарите во Уставот се натаму ќе биде полесно. СДСМ дури тврди дека Мицкоски е под притисок, не од странците, туку од пратеници на неговата партија.

„Целата јавност знае дека во ВМРО-ДПМНЕ има пратеници што го поддржуваат европскиот пат на државата, кои не се согласуваат со антиевропскиот став на Мицкоски. Изолиран и во целосно заложништво на Левица, Мицкоски го чекаат нови порази. Верувам дека кога ќе влезе процесот во Собранието, ќе бидете уверени дека сите пратеници од владејачкото мнозинство, вклучувајќи на голем број пратеници и од опозицијата ќе бидат за уставните измени. Затоа што се важни за европскиот напредок на државата, затоа што сме ветиле пред граѓаните дека ЕУ е наша децениска аспирација и ние како политичари од оваа генерација должни сме тоа да го оствариме“, велат од СДСМ.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ понуди опозицијата (таа одби) да ги формулира уставните амандмани во согласност со преговарачката рамка, за да стекне доверба и да се увери дека во процесот дека нема ништо тајно. „Навистина би било жално ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува во разговорите за уставните измени кои се услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија. Вратата за најголемата опозициска партија останува отворена за да се приклучи во која било фаза од процесот“, вели Маричиќ.

Ни власта нема гаранции дека има мнозинство во парламентот, дека уставните измени ќе се случат уште летово со пратеници од опозицијата, а да не зборуваме за прогнозата дека до 2030 година земјава ќе стане членка на ЕУ. Тешко е да ѝ се верува и на збор, зашто потроши огромен дел од довербата што ѝ беше дадена со Шарената револуција…

Најмногу што може е да се поверува во опцијата – што ја најави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски – дека во решавањето на проблемот ќе се вклучи булдожер-дипломатија и ќе го пробие патот кон ЕУ. Но, нема никакви гаранции дека тоа навистина ќе се случи, ниту дека некој ќе поверува во зборовите на т.н. тешкаши. Со каков кредибилитет, на пример, би дошол претседателот на Франција – како што беше најавувано – и со какви ветувања би ја убедил опозицијата по она што тој лично го направи: новата методологија за проширување на ЕУ со која ги спречи Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство.

Ако веќе бараат гаранции, граѓаните мора да ги бараат дома, од партиите што во име на европската иднина и вредности ја држат земјава во заложништво и безизлез. И на кои партиската книшка им е поважна од Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот