Македонската лингвистичка јавност е доследна на ставовите на Блаже Конески

Фото: МИА

„Македонската лингвистичка јавност од 1945 па се до денеска е доследна на ставовите искажани од основоположникот на македонскиот стандардизиран јазик Блаже Конески, затоа што „ние сме негови ученици и продолжувачи“, оттука сметам дека Македонија не смее да отстапи од црвените линии во врска со јазикот кои властите ги поставија во преговорите со Бугарија, вели директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. др. Елена Јованова Грујовска, за Слободен печат. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ заедно со МАНУ, со Советот за македонски јазик при Владата и со Филолшкиот факултет „Блаже Конески“, во јуни оваа година, објавија две монографии за погледите за македонскиот јазик. Првата монографија која ја издаде Институтот за македонски јазик е насловена како „Погледи за македонскиот јазик“ има 720 страници и втората монографија која се вика „Македонскиот јазик – континуитет во простор“ има 250. Јованова – Грујовска вели дека и во двете монографии е опфатен досегашниот развој и перспективите на македонскиот јазик.
Со овие 1000 страници даваме аргуемнтиран одговор на сите оние што имаат некакви сомнежи за македонскиот јазик. Со тоа македонската лингвистичка јавност застана во одбрана на ставот, дека македонската држава, си има свој службен стандарден македонски јазик. Европската унија е демократска средина затоа се стремиме и ние да бидеме дел од Унијата. Таму се почитува самоопределувањето на секоја единка, а особено на секој народ. Ние сме сигурни дека ЕУ го има прифатено нашиот став и го почитува без исклучок. Никој нема право во 21 век некому да му наметнува промени во врска со идентитетските прашања, особено кога се решени како што е случајот кај нас, вели Јованова – Грујовска.
Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски, смета дека позициите на Бугарија целосно треба да бидат отфрлени.
За Слободен печат објаснува, дека иако ЕУ премолчено го толерирала негирањето на правото на самоопределување од грчка страна, сепак смета дека тоа нема да и го дозволи на Бугарија иако нејзината сила се базира на оваа пракса на ЕУ.
– Бугарија не е Грција. Нејзината преговарачка моќ во рамки на ЕУ е значително помала, особено што проширувањето на ЕУ овојпат е стратешки приоритет на новата Европска комисија, на претседавачот Германија и на Франција како ментор на новата методологија која има интерес истата да профункционира. Оттука очекувам дека Бугарија нема да добие поддршка од европските земји а со тоа нема да ги блокира европските интеграции на Македонија. По ветото за прошиурање кое го стави Франција и острата реакција од сите останати членки на ЕУ, Бугарија не може да си дозволи таков луксуз да се претвори во нов блокатор на агендата за проширување, особено земајќи ги во предвид геополитичките ризици со кои се соочува ЕУ , растечките влијанија на Кина, Русија и други земји на Балканот, вели Трошановски.
Бугарија од ЕУ бара во сите европски документи да не пишува „македoнски јазик“, туку само „службен јазик на РСМ“. Ова е само еден од условите кои Бугарија ги наметнува за одржувањето на меѓувладината конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија. Но, за македонската страна македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет и како таков е црвената линија преку која Македонија нема да помине и по цена да нема меѓудржавна конференција во декември под покровителство на Германија, каде конечно треба да се дефинира преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот