Македонската корона е поубиствена од ковид-19

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Македонецот никогаш низ историјата немал развиено државотворно чувство за уредување на својот животен простор, за меѓучовечките и за институционалните односи. Што сме направиле правилно во изминативе триесетина години, за сега да бидеме изненадени како сме дошле до ова дереџе со загаденоста на воздухот во македонските масовно иселени градови.

Во постпразничните (мамурни) денови во кои си ги честитаме новогодишните и божиќните празници во духот на традицијата, посакувајќи си добро здравје, среќа, љубов и бериќет, Македонија се освести (отрезни) во буквална и во преносна смисла на зборот пак во смог и загаденост која урива рекорди. Не вредат пет пари хистеризирачките ламентирања на Фејсбук, кој по својата (не)суштинска содржајност повеќе личи на кокошарник-платформа на која луѓето ги истураат својот гнев, бес, лутина и негодување, околу фактичките состојби, па ни тие околу квалитетот на амбиенталниот воздух.

Уште полицемерни, попатетични и покарикатурални се меѓусебните обвинувања на доминантните политички партии, кои се менуваат наизменично на власт во изминатите триесет години, за тоа кој е виновен за неславното прво место на главниот град во светски рамки на најзагадени градови. Нема потреба веќе да се пишува на оваа тема, туку само да се констатира дека ѓаволот одамна ја има однесено шегата и дека согласно нашите капацитети на фаилд стате, нашата импровизираност во сѐ, па и во третирањето на загадувањето на воздухот, ние сме „судени“, оттука па натаму да се задушуваме во екстремно загаден воздух, кој нормално со ковид-19, ќе претставува темпирана експлодирачка бомба за нашите бели дробови.

Ниту се тераме, ниту се водиме!

Комунистичка Кина, која пред децении, заедно со Индија, важела за земја со топ најзагадени градови во светот, сериозно се зафатила со решавање на овој горлив проблем. По децениска посветеност на државните власти, со преземање соодветни мерки, веќе има видливи резултати и во Пекинг и во другите загадени милионски градови. Полека, но сигурно, ќе влезат во зоната на нормалните градови за живеење од аспект на амбиенталниот воздух. Не вредат ни пукнат лев (што би рекле жаргонски „браќата“ Бугари, да не испуштиме да ги спомнеме и нив во оваа колумна) сите тие субвенции за замена на нееколошките начини на затоплување во зима (греење на дрва), со инвертер клими и печки на пелети, кога во исто време се издаваат стотици и стотици нови дозволи за изградба на десеткатници, без запазување на елементарните  минимум стандарди за хумано живеење, а за да се задоволат крволочните апетити на урбаната мафија, која е во спрега (градоначалник-инвеститор-граѓани кои едвај чекаат да ги дадат своите дворни места сосе бараки, за да „лапнат“ неколку станови), за после истите тие да пишуваат на ФБ дека „не се дише, од што е загадено“.

Македонецот никогаш низ историјата, ниту денес, уште помалку во иднина ќе има развиено државотворно чувство за уредување на својот животен простор, за  уредување на меѓусебните институционални односи, за уредување на меѓусебните човечки односи. Што имаме ние правилно направено, како народ и како држава во изминативе триесетина години независност, што би се рекло, од моментот кога сами сме си ја земале судбината во своите раце, па сега да сме изненадени како сме дошле до ова дереџе во однос на загаденоста на воздухот во македонските посттранзициски масовно иселени градови.

Сто пати сум кажал – дајте му ја Данска или Швајцарија на овој народ, како едни од најуредените и најсовршени земји од секој можен аспект, ќе видите како за неколку години истите тие ќе бидат претворени во депонии во кои никој нема да сака да слета, камоли да живее. И обратно, дајте им ги овие 25.713 километри квадратни, парче планинско-долинска земја, која изобилува со одлична почва, со речиси триста сончеви денови во годината, која може да биде врвна извозна земјоделска земја во светски рамки, дајте им ја оваа земја на Данците или на Швајцарците и ќе видите во каква бајка ќе ја претворат со својата култура и начин на живеење и битисување. И ќе бидат побогати, дури и посреќни од тоа што се денес.

Сѐ некој друг ни е виновен!

И што да правиме сега?! Сѐ уште ќе се жалиме дека Грците, Бугарите, та дури и тукашните Албанци се виновни за сите состојби во кои сме пропаднати и потонати? И за радиокативно загадениот амбиентален  воздух и за загадените почви, реки и езера се виновни нашите соседи и нашите сограѓани Албанци?! Да не бидеме карикатурално смешни и патетични. Како што Македонецот сам може да си го загади и зацрни животот, никој „душман“, тоа не може толку добро да му го направи. Жалното е што никако не разбираме или се правиме дека не разбираме чија е вината. И која е вистината. Жална и бедна.

Како што убаво на времето еден поранешен министер за финансии, во презентирана аудиоснимка во која видно нервозен на својата колешка, ексминистерка за внатрешни работи и вели: „никој во оваа држава Горде не сака да ја чуе вистината“. Веројатно тука се крие изворот на сите наши зла: сакаме да бидеме со децении слепци, да се убедуваме дека некој друг е виновен за нашите проблеми, состојби и маки, за да не ги отвориме очите и да се соочиме со вистината. Бидејќи таа е тажна, болна и неприфатлива. За нашето смешно балканско, во прв ред македонско, его и суета. Од кои си патиме и кои не кочат во нашиот национално-општествен развој во секоја сфера на колективното живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот