Македонската јуниорска репрезентација со првата победа на ФИБА „Челенџер“

Фото: kfsm.mk

После високиот пораз на стартот од ФИБА „Челенџерот“ во Скопје од Хрватска, еден изедначен натпревар одигра Македонија во својот втор настап против Грузија, но нашиот јуниорски тим подобро се снајде во финалните минути за триумф (69:66).

Стигнавме до голема победа, која носи уште поголема самодоверба кај нашите јуниори пред продолжението на собирот во главниот град. Двете тројки на Мемед, придонесоа нашата селекција да има добар почеток на дуелот, поведовме со 9:4, потоа и со 14:7, но до истекот на првата четвртина, со две тројки на Натсвишвили, Грузија се врати, намали на (14:16).

На почетокот на втората четвртина, шутерски се „отвори“ Хот, потоа и Митревски. Го одржувавме водството, но не беше поголемо од два поени, (23:21), како на пример, во 15 минута од играта. Во вториот дел од четвртината, и двете селекции се потешко го пронаоѓаа патот до противничкиот кош. А по 20 минути играње си поделија по 30 поени.

Фото: kfsm.mk

Во продолжението, Грузија се одвои на (41:35). А по нешто повеќе од пет минути од третата четвртина гостите имаа и највисоки (46:37), или парцијално (16:7) за 5:20 минути од четвртината, кога селекторот Василев и побара тајм-аут. Двете тројки, прво на Наков, а потоа на Мемед, нè вратија во натпреварот. На 1:54 минута до истекот на третата четвртина имавме „минус еден“, (46:47).

По тројката на Митревски, одново бевме во водство (51:50). Но следуваа седум поени на Грузија за ново одвојување на (57:51). Но не се откажавме, нашата серија од шест поени, донесе нерешени (57:57), на 3:31 минута пред крајот на овој израмнет натпревар.

А во финишот „минијатура“ на Мемед, за плус 5 (67:62), на 1:12 минути до крајот. Грузијците стигнаа до (66:67), но Наков погоди едно слободно фрлање за (68:66). Победата, прва за нашите јуниори ја потврди Митревски. Кај стрелците по 19 поени имаа Наков (11 скокови) и Митревски, а 15 поени запиша Мемед.

Во третото коло од турнирот нашите јуниори, кои до крајот на овој турнир ќе играат без помошта на Марин Петков (повреда на скочниот зглоб), се среќаваат со селекцијата на Шпанија. Натпреварот е закажан за утре вечер од 21.00 часот.

ФИБА ЧЕЛЕНЏЕР – СКОПЈЕ – ПОД 18-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 2. КОЛО

Шпанија – Германија 84:65

Србија – Хрватска 86:82

Македонија – Грузија 69:66

ТАБЕЛА

1.Шпанија 2 2 0 158:107 4 бодови

2.Србија 2 2 0 177:160 4

3.Хрватска 2 1 1 190:163 3

4.Македонија 2 1 1 146:174 3

5.Германија 2 0 2 143:175 2

6.Грузија 2 0 2 108:143 2

ИДНО КОЛО (5.АВГУСТ)

15.00: Хрватска – Германија

18.00: Грузија – Србија

21.00: Македонија – Шпанија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот