Македонска пресметка во Балканската лига: ТФТ не прифаќа дебитантска улога!

Фото: kfsm.mk

По нешто повеќе од три месеци тренирање, во најава официјален кошаркарски натпревар во Македонија. Како дел од БИБЛ лигата, во премиерата од новата сезона, вечерва од 19.00 часот, Куманово го дочекува составот на ТФТ од Скопје.

Вечерашниот дуел ќе се игра без присуство на публика во салата на Економското училиште „Перо Наков“ во Куманово.

– Натпреварот со ТФТ е прв официјален по пауза од цели осум месеци. Очекувам доста неизвесен натпревар. Како од фактот дека зад нас е една преголема пауза, но и поради квалитетот на екипата на ТФТ, која иако се води како дебитант во ова натпреварување, состави одлична екипа. Морам да кажам дека напорно тренираме уште од 15 август. Имаме млад и перспективен тим, а вечерва и предност на домашен терен која ќе се обидеме да ја искористиме. Ќе видиме како ќе изгледа сето тоа – вели првиот тренер на Куманово, Владимир Мирковски.

Кумановските „сино-бели“ во последен момент направија две измени во играчкиот ростер. Нови играчи се 23-годишниот плејмејкер од САД, Лавејн Грент, и четири години поискусниот бугарски интернационалец, Георги Бојанов, кој со своите 201 сантиметри е дополнение на крилната позиција.

За екипата на ТФТ, прв во една ваква конкуренција, особено доколку се земе в предвид дека по успешните настапи во ланската сезона во Втората лига (обезбеден премин во Првата), ќе биде вистински предизвик и за тренерот Боро Смилковски и за неговиот млад тим подзасилен со неколку американски кошаркари, и еден од Австралија.

– Ние, пред сè, како еден млад клуб, дебитант во БИБЛ лигата ќе се потрудиме достојно да се претставиме во регионот, а истовремено организациски да поставиме една структура на која ќе се темелат нашите амбиции во годините кои следуваат. После повеќе од два месеци напорна работа и тренинзи, конечно и премиера за нашиот клуб и тоа во БИБЛ лигата против одличниот тим на Куманово. Во една ваква ситуација, во услови на корона-пандемијата, мислам дека пред сè треба и сме благодарни на секоја можност некој натпревар да биде одигран.

Вечерашниот натпревар е една голема прилика да видиме колку ни недостасувала кошарката во изминатиов период. За очекување е да бидеме сведоци на една бескомпромисна борба на теренот, каде двете екипи ќе го дадат својот максимум. По игра на случајноста, ждрепката за домашното првенство ни го донесе тимот на Куманово за противник во првото коло. Оттука овој меч ќе биде одлична прилика за подобро да го запознаеме нашиот спортски ривал пред почетокот на Првата лига – вели Смилковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот