Македонска политичка инфантилност

Трифун Костовски - Фото: Слободен печат / Методиј Здравев

Историското наследство, од кое многу научивме, вели дека толеранцијата, добронамерноста, соживотот се императиви за просперитетна држава и општество и оттаму државата не смее да дозволи да ни се случат идни поделби.

Деновиве ја прочитав изјавата на лидерот на албанската партија ДУИ, Али Ахмети, дадена на 13 август 2024 при прославувањето на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во која тој им порача на Македонците: „Ако не соработувате со Албанците, ќе бидете предмет на исчезнување“.
Ваквата изјава на Али Ахмети кај секој граѓанин на нашата земја предизвика силен немир и револт. Жално е што ниту една од политичките партии, посебно македонските, не изреагираа на оваа провокативна и воено хушкачка изјава.
Се трудам да го разберам поривот на господинот Ахмети за вакво дрско понижување и обид за застрашување на граѓанството. Заклучокот е едноставен. Освен загрозување на лукративните интереси на неговите најблиски соработници проследени со латентен страв од правосуден прогон, ништо друго не во прашање. Оттаму, се најави можност за дестабилизација на државата „како одбрана“, на албанскиот национален корпус од „недоследностите на демократијата“.
Војната во 2001 година заврши со потпишување на Охридскиот договор, чии последици и денес ги чувствуваме. За господинот Ахмети Охридскиот договор е договор за победа врз македонската нација, додека ние, Македонците, на овој договор гледаме со сомнеж дека тој документ вистински ги има решено сите проблеми за градење на мултиетничко општество.
На политичката сцена во изминатите 23 години по потпишувањето и имплементирањето на овој договор, ги чувствуваме и ги слушаме одеците на националниот триумфализам на дел од албанскиот народ, електорат и партии. Наместо градење мултиетничко општество како единствен модус на соживот во нашата држава, што е конечна цел на Охридскиот договор, дел од албанските партии и натаму ја билдаат својата посебност, секојдневно истакнувајќи ги нашите меѓусебни разлики наместо точките што нѐ спојуваат. Секој што ќе се осмели нешто поинаку да каже на оваа тема, бива синхронизирано напаѓан и омаловажуван затоа што постапува спротивно на албанската национална кауза?! Реторички прашувам, каква е таа кауза што треба да се развива врз грбот, на штета или со страв кон своите сограѓани?
Во ниедна демократска држава во светот политичкото малцинство не владее над мнозинството доверено од граѓаните, тоа во нашиот случај станува практика, а поради политичката импотенција на македонскиот политички блок, проткаени со заеднички бизнис-интереси.
Ние, Македонците и останатите народи во нашата земја молчешкум станавме катализатор во пумпањето на балонот на агресивниот албански национализам сметајќи дека „сите чуда се за три дена“. Современите општества се владеат по закони и правила, и сѐ што е вон тоа треба да биде санкционирано. Државните институции на чело со Собранието и Владата на Република Македонија молчат од за мене неразбирливи причини. Мирот и иднината на државата не се гради со молк, туку со аргументи и дејства од институциите за заштита на државата.
Нашиот народ во својата историја претрпел низа неправди, зулуми и погроми, единствен дом кој за сите нас постои е нашата држава и таа нема цена и не е предмет на договори и преговори. Резервна немаме. Во ниту еден момент не очекувавме дека нашата македонска посебност и држава ќе бидат условени со „обврзувачка“ соработка со политички блокови кои, иако добија солиден број гласови, благодарение на демократијата „отпаднаа“ од сите политички договарања, престројувајќи се во опозиција. Ова не значи дека кое било национално право од албанскиот корпус гласачи – гарантирано со устав или закони е загрозено. Напротив. Ние живееме заедно со македонските Албанци и нема потреба од вакви изјави.
Ако пред 112 години се воделе Балканските војни, меѓу другото и за поделба на Македонија како воен плен, денеска, во мирнодопски услови не верувам дека некој ќе се дрзне во суверена членка на ОН и НАТО да се заканува со државен бунт, сепаратизам или национална исклучивост, претворајќи ја својата нација во балканско страшило и вечна закана. Тоа едноставно не поминува повеќе. Станува збор за политички волунтаризам наменет кон својот електорат.
За градење на држава како Македонија со повеќе етнички заедници во нејзиниот Устав, мултиетницизмот мора да биде приоритет. Дали тоа ќе бидат Грци, Бугари, Срби, Албанци, Бошњаци, Роми, Власи… во дадениов момент не е битно, бидејќи со Уставот на РМ се загарантирани сите права на сите етнички заедници во Македонија. Законите за сите етнички заедници се исти и подеднакво важат.
На крајот, сакам да испратам порака до господинот Ахмети. Сопствената самостојност како Македонец која јас ја негувам е мое наследство од моите пра-пра-пра родители и во ниеден момент нема да дозволам моето натамошно постоење да биде условено од Ваша или чија било страна. Демократијата не е совршена, но сегашниот модус на политичко договарање и формирање на власт по неодамнешните избори Ви даде опција – опозиција или исчезнување како политички субјект. Затоа постојат избори и постизборно договарање како основни постулати на демократијата. Доколку некој не ве сака како невеста, сватовите се собираат и си одат дома без музика. Без пукање во воздух. Тоа е.
Историјата кон нас Македонците не била милослива. Но историското наследство, од кое многу научивме, вели дека толеранцијата, добронамерноста, соживотот се императиви за просперитетна држава и општество и од таму државата не смее да дозволи да ни се случат идни поделби. За ваквата негова изјава барам вистинско и чесно извинување, првенствено кон Албанците, а потоа кон сите други етнички заедници во нашата земја.

(Авторот е бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот