МакедонијаПОЛИТИКА

Законот за јазици утре ќе се гласа, амандманите ќе се скокнат

Амандманите на Законот за јазици, вкупно 35.000, што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, на утрешната седница закажана за во 13 часот, најверојатно нема да се разгледуваат, дознава „Слободен печат“ од извори во Собранието. Кое ќе биде образложението на претседателот на Собранието Талат Џафери, за отфрлање на амандманите, засега не се соопштува. Toа тој самиот ќе го соопшти на почетокот на собраниската седница.

На денешната координација кај Џафери било договорено за утре да се закаже продолжението на 32. собрасника седница, на која прва точка на дневниот ред е Законот за употреба на јазиците во третото читање.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе присуствуваат на седницата и тие се подготвени за дискусија за амандманите. Од опозициската партија се децидни дека поднесените амандмани се влезени во собраниска процедура и за нив дури и да нема дискусија мора да има гласање за да се запази Деловникот на Собранието. Од партијата засега не откриваат што ќе преземат на собраниската седница ако не биде дозволена дискусија за амандманите, но велат дека се планираат активности.  Како што неофицијало дознаваме, на средби со претседателот на ВМРО-ДПНЕ Христијан Мицкоски, странските дипломати во земјава побарале од опозицијата да биде конструктивна во донесувањето на овој закон, односно да не се прават инциденти во Собранието.

Од мнозинството, пак, објаснуваат дека Собранието нема надлежност да ја испитува уставноста на законот, на што се однесуваат амандманите, па поради тоа треба прво  законот да се донесе, а потоа да се бара оценување на неговата уставеност од Уставниот суд. Велат дека минатата недела седницата на чиј дневен ред беше Законот за употреба на јазиците беше одложена за да се даде простор да се постигне договор за овој закон, но тоа тоа не се случи.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, вели дека опозицијата имала шанса да учествува во амандманска расправа и во подобрување на текстот на законот, но таа шанса не ја искористила.

-Но апсурдно е да се очекува да се разгледуваат 35.000 амандмани, на закон кој содржи вкупно 23 членови. Поднесувањето на амандманите има единствена цел да се блокира работата на Собранието и да се закочат реформските процеси – вели Тунтев.

Премиерот Зоран Заев вчера, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека неделава се очекува да биде донесен законот за употреба на јазиците, а по девет месеци расправата треба да биде завршена.

– Прашањето треба да биде што побргу затворено. Порано овие закони се носеа по самото завршување на парламентарните избори, сега дадовме девет месеци дебата. Сите кажаа сè што имаа да кажат. Тоа е оневозможено уставно право на граѓаните од другите етнички заедници. Нека се донесе законот, нека се спроведе и ќе видиме сите дека не било ништо толку тешко и трагично, туку ќе овозможи полeсно да се разбираме едни со други – изјави Заев.

Според премиерот, пратениците од парламентарното мнозинство дале уште една недела шанса за дијалог и разговор за решение прифатливо за опозицијата.

– Но, оваа недела законот треба конечно да се донесе. Чекорите ќе се движат во согласност со демократските процедури и ваквите прашања што ќе ја крепат мултиетничноста на државата, конечно, ќе бидат затворени – порача премиерот.

Законот за употреба на јазиците е во трето читање во Собранието, откако претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша и го врати со низа забелешки во Собранието. Врз основа на овие забелешки, 35.569 амандмани поднесе само опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според која, законот е неуставен и треба да се повлече.

Мими Шушлеска Петкова