Закон за помирување следната недела, новите сведочења ги поматија сметките

Сепак процесот не се очекува да се оддолжува премногу долго и до крајот на следната недела би требало да го имаме законското решение кое треба да донесе помилување за оние кои учествувале во настаните од 27 април, но не сториле насилство и не се организатори и нарачатели.

448
фото: МИА

Координативното тело за помирување се очекуваше утре да ја утврди првичната верзија на законското решение за помирувањето поврзано со настаните од 27 април. Но, според последните информации, таква седница нема да се одржи, бидејќи новите сведочења на обвинетите во судските случаи за 27 април фрлаат ново светло врз тоа кој може да биде опфатен со процесот на помилување, а кој не. Дополнително, утре во Собранието ќе има комеморативна седница за поранешниот претседател Љубиша Георгиевски.

Извори од владејачкото мнозинство велат дека законското решение за кое се разговара ќе се однесува исклучиво на настаните од 27 април и не може да биде проширено со други случаи за кои се водат судски спорови.

-Единствено нешто кое се разгледува се настаните од 27 април, надвор од тоа не се оди оди во никој случај. Новите сведочења се во насока на олеснување на процесот, односно расчистување на ситуацијата за расчленување на обвинението. За настаните од 27 април се обидуваме да донесеме решение со кое нема да го минираме праводуството, но одговорност мора да има – велат извори од Собранието.

Сепак процесот не се очекува да се оддолжува премногу долго и до крајот на следната недела би требало да го имаме законското решение кое треба да донесе помилување за оние кои учествувале во настаните од 27 април, но не сториле насилство и не се организатори и нарачатели.

Копретседателката на Координативното тело за помирување Емилија Александрова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кои дадоа поддршка на уставните измени во првата фаза, во секоја прилика потенцира дека процесите на уставните измени, реформите и помирувањето мора да одат заедно, што во јавноста се толкува како став дека тие нема да гласаат за уставните измени ако не се донесе законот за помирување.