Заев-Царовска: 96 бездомни лица добија услови за живот

Министерката Царовска информира дека изградиле 15 живеалишта во кои овие семејства ќе добијат по една дневна соба со кујна и со спална за да можат соодветно да живеат.

69

Премиерот Зоран Заев и министерската за труд и социјална политика Мила Царовска денеска ги посетија семејствата кои се сместени во привремени живеалишта во прифатниот центар во Визбегово кои досега живееја на отворено, под тврдината Кале. Сместени се 96 лица, од кои 66 деца.

Заев изрази задоволство што овие 15-тина семејства претстојните студени зимски денови ќе ги поминат на топло, со доволно храна, но и се останато што им е неопходно. Тој најави дека дополнително, граѓанските здруженија ќе им помогнат заеднички да подготват индивидуални планови за вклучување на пазарот на труд, за социјална заштита и здравство, за обезбедување на документи за лична идентификација, како и за вклучување на децата во образовниот систем.

– Ромската популација е една од најранливите во нашата земја и затоа се заложивме дека ќе им помогнеме. Само оваа година, граѓаните Роми се вклучени во неколку програми од Оперативниот план за вработување. Со учество во програмата за поддршка за самовработување, до јули годинава осуммина наши сограѓани Роми, меѓу кои и една жена, изработиле сопствен бизнис план, додека преку програмата – поддршка за креирање на нови работни места, се вработени 24 лица, од кои половината се жени – рече Заев.

Според него, со воведувањето на детскиот и образовниот надомест што ќе можат да ги добиваат децата од семејствата каде двајцата родители се невработени, но и децата во домаќинства со минимален приход, на секое дете ќе му се овозможат еднакви можности, како и вклучување во образовниот процес кој е основа за понатамошниот личен и професионален развој.

Министерката Царовска информира дека изградиле 15 живеалишта во кои овие семејства ќе добијат по една дневна соба со кујна и со спална за да можат соодветно да живеат. Голем дел од децата се запишани во училиште, за нив се обезбедиле документи, се обезбедила социјална парична помош и се обидуваат овие семејства да ги вклучат на пазарот на трудот.

Таа упати благодарност до меѓународната организација за миграција – ИОМ и Фондацијата отворено општество кои се вклучиле во овој процес.

Царовска додаде дека почнувајќи од следната недела социјални тимови ќе ги мапираат преостанатите лица кои живеат на отворено под тврдината Кале и на сите без живеалишта, ќе им биде понудено привремено сместување.