Заев-НВО: Поддршка на иницијативата за донирање на вишокот безбедна храна

286

Можноста за реализација на иницијативата за донирање вишок безбедна храна, преку законска процедура и активно вклучување на граѓанскиот сектор, беше тема за денешната средба на премиерот Зоран Заев со претставници на невладиниот сектор, кој се вклучени во овие активности.

Заев, како што информираше владината прес-служба имаше средба со со вишите програмски менаџери, Слаѓана Марјановиќ Пановска и Филип Чапароски на Националниот демократски институти, Блаже Јосифовски од невладината организација „Ајде Македонија“, Ана Голејшка од граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“ и Тони Станковски, претседател на здружението на граѓани „Љубезност“. Сите овие невладини организации и иницијативи се поддржани од 80-тина невладини организации во иницијативата за носење Закон за донирање вишоци храна.

Иницијативата на невладините организации, што е поддржана од американската непрофитна и непартиска организација НДИ, за донирање вишок храна е содржана и во Програмата на новата Влада.

Претставниците на НДИ и на невладините организации ја поздравија отвореноста на Владата да се работи активно и заеднички на ова прашање, што е регулирано во сите современи демократски држави, а ефектите покрај хуман карактер вклучуваат и економско-социјални придобивки, како и заштита на животната средина.

– Владата на Република Македонија е подготвена да работи со сите заинтересирани чинители во општеството на сите важни прашања за граѓаните. Развиваме политики за подигнување на животниот стандард на граѓаните, но факт е дека хуманата димензија е важен сегмент во секое општество и ние ќе овозможиме нејзина активна примена. Ја цениме соработката со граѓанските организации, која што продолжува и по промените, преку градењето демократско, современо општество – рече Заев.

Претставниците на невладиниот сектор и на НДИ информираа за резултатите од направените анализи и предложија можни решенија, изработени по консултациите со министерствата за труд и социјална политика, за земјоделство, за финансии, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и со бизнис секторот преку стопанските комори.

Податоците, како што беше информирано, покажуваат дека Македонија е меѓу првите земји во светот по глава на жител во однос на фрлање безбедна, употреблива храна, што со законското решение, за кое што се разговараше, треба да биде насочена во хумани цели.

(МИА)