Заев: Да го зграпчиме моментот, на 30-ти да си ја внесеме Македонија во ЕУ и НАТО (ВИДЕО)

43

Да нема дилеми, на 30-ти септември народот ќе излезе во огромно мнозинство За европска Македонија, оцени премиериот и претседател на СДСМ, Зоран Заев на денешната трибина во Валандово, на Коалицијата за европска Македонија.

-И во 1991 година имавме дилеми дали може да се организира државата, но масовно излеговме на референдумот за независна Македонија. Со овој референдум, ќе ја обезбедиме иднината на државата. Стандардот е на ниско ниво. Ако сакаме голем скок напред, мора да ги донесеме одлуките. 27 години политичарите не случајно зборуваат за ЕУ и НАТО. Ние денес, градејки пријатели со соседите изградивме пријателства со меѓународната заедница. Раката е подадена. Тоа е можност да одиме напред со демократски развиениот свет, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој им порача на граѓаните да се чувствуваат гордо затоа што договорот со јужниот сосед го потврдува вековниот стремеж на нашите предци за потврден и признаен македонски идентитет и јазик, што ја обезбедува иднината на децата.

-Во убаво време, за неколку години, ќе можеме да ги погледнеме децата и ќе им кажеме, за вас донесовме одлука за европска Македонија, рече премиерот Заев.

Тој ги објасни придобивките за младите и граѓаните, со членството на Македонија во ЕУ и НАТО, дека нашата земја ќе влезе во огромниот европски пазар, а тоа ќе значи нови работни места, повисоки плати, пласман за еколошките и здрави земјоделски производи како тие во валандовско. Дополни и дека ќе бидат загарантирани интегритетот на државата, безбедноста и стабилноста.

-Да го зграпчиме моментот, на 30-ти септември да си ја внесеме Македонија во ЕУ и НАТО и да обезбедиме стабилна иднина и економски развој, повика премиерот Зоран Заев на трибината во Валандово.

Градоначалникот на Валандово, Перо Стојанов рече дека европско Валандово ги поддржува политиките на градење перспективи и ‘и тој повика на Референдумот граѓаните да излезат и да го осигураат посакуваниот просперитет.