Во Приштина усвоен законот за обележување на границата со Црна Гора

176
Законот за ратификација на договорот за демаркација на граничната линија со Црна Гора е изгласан со 80 гласа „за“, јавува Н1.

Седницата беше прекинувана повеќе пати затоа што пратениците на Самоопределување четири пати во косовското собрание фрлија солзавец за да ја оневозможат работата.

Пратениците на движењето Самоопределување прво активираа солзавец кога во салата влезе пратеникот Адем Хоџај, со што беа обезбедени условите за изгласување на законот за демаркација на граничната линија меѓу Косово и Црна Гора.

Претседателот на собранието на Косово Кадри Весељи тогаш даде пауза, а кога пратениците повторно влегоа во салата да гласаат повторно беше фрлен солзавец.

Третиот солзавец беше фрлен кога претседателот на косовското собрание Весељи седна на своето место, па повторно беше дадена пауза, а четвртиот кога паузата заврши.

Фрлањето на солзавецот го осудија и претседателот на Косово Хашим Тачи, и претставниците на странските амбасади и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Косовските медиуми потоа пренесоа дека косовската полиција привела седум пратеници на Самоопределување, осомничени дека ги активирале солзавците, додека шест пратениците биле исклучени од седницата.