Вкупно 211 години затворска казна за 16 обвинети за „27 април”, Чавков осуден на 18 години, Дурловски ослободен

411

Шеснаесет од седумаесетте обвинетите во настаните од 27 април во Собранието добија вкупно затворска казна од 211 години, додека ослободен од обвинение е Игор Дурловски.

Митко Чавков доби најголема казна од 18 години, Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски – Леви – 15 години, Оливер Поповски – 13 години, Оливер Радулов 10 години, Мунир Пепиќ –  15 години, Абдулфета Алими – седум години, Младен Додевски – 12 години, Јане Ченто 15 години, Горанче Ангеловски – 12 години, Игор Југ – 12, Влатко Трајковски – 15 години, Вилијам Михајловски – 14 години, Николо Митровски – Кољо -15 години и Александар Василевски Нинџа – осум години,

Обвинителката предложи продолжување на мерката притвор за осудените Митко Чавков, Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски Влатко Трајковски, бидејќи според неа постои опасност од бегство. За преостанатите за кои е изречена затворска казна е побарано определување мерка притвор до правосилност на пресудата.

Осудени се за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.  Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во Парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.