Уште две шестмесечни бебиња болни од морбили во тешка состoјба

Докторите велат дека одлуката бебињата на шест месеци да примат вакцина што штити од мали сипаници, наместо на 13 месеци како што е во редовниот календар за имунизаиција, е единствен начин да се заштитат најмалите, за кои се покажа дека морбилите се најсмртоносни.

Две шестмесечни бебиња болни од мали сипаници се во потешка состојба на Клиниката за детски болести. Докторите велат дека одлуката, бебињата на шест месеци да примат вакцина што штити од мали сипаници, наместо на 13 месеци како што е во редовниот календар за имунизаиција, е единствен начин да се заштитат најмалите за кои се покажа дека морбилите се најсмртоносни. Оваа одлука треба да се применува од денеска.

Досега има три жртви на морбили. Последната жртва е 13-месечното бебе кое почина вчера на Клиниката за детски болести. За разлика од другите два случаи, ова бебе немало друго заболување или некој синдром. Во саботата детето од Клиниката за инфективни болести е префрлено на Клиниката за детски болести каде уште истиот ден е поставено на апарат за дишење, но сепак на крај завршило фатално. Пред две недели детето лежело на Детската клиника, поради друга состојба, но дали се заразило таму, не може да се каже.

– Договорот е сите деца кои се во потешка состојба да ги преземеме ние, бидејќи имаме и опрема и кадар кој може да понуди најдобар третман. На одделот за пулмологија има соби каде може да се постават апарати за дишење. Не може да знаеме каде детето се заразило со морбили – вели Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.

Таа вели дека родителите треба да се свесни дека морбили има насекаде, а не само во градинките.

– Треба што помалку да одат на лекар, во дежурните служби и амбуланти. Доволно е да се направи консултација со матичен лекар, па и телефонски. Дежурните пунктови се местата каде се шират и малите сипаници. Да се избегнуваат и јавни собири, игротеки, домашни собирања. Во епидемија на морбили и грип треба да се избегнуваат контакти. Но, да потенцираме дека единствен начин да ја прекинеме епидемијата е вакцинација – вели Ставриќ.

На клиниката во моментов има 9 деца со морбили од кои две се во потешка состојба, која може да се влоши во секој момент. На клиниката се организираат и три оддели каде се сместени деца со грип.

На прашањето дали овие инфективни болести, кои во суштина не се основна патологија со која се занимава оваа клиника, треба да се префрлат на друго место за да се намалат шансите за ширење на морбилите но и грипот, меѓу другите пациенти, Ставриќ вели дека тоа зависи од капацитетите на другите болниците за да ги прифатат овие пациенти.

– Министерството за здравство ги испитува можностите да се стави во функција  инфективната одделение во болницата „8 Септемрви“ – вели Ставриќ.

Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација, е децидна дека со тоа што бебињата ќе примат МРП вакцина не се изложуваат на поголем ризик.

– Мојот син е вакциниран со МРП-вакцина на седум месеци, бидејќи кога се роди во 2010 година имаше епидемија на морбили. Препорака на Светската здравствена организација е во случај на епидемија, вакцината да се дава порано. Во Србија исто така заради епидемијата бебињата ја примаа оваа вакцина на шест месеци. Нема причина родителите да се плашат – објаснува Грозданова.

Препораката да се вакцинираат бебињата од шест месеци беше дадена уште кога се појави епидемијата во градинка во насебата Радишани, но тогаш не се спроведе. Бебињата треба да ги штити колективниот имунитет, но бидејќи тој е значително намален, упатените коментираат дека мора да се инсистира на спроведување на оваа мерка, ако не сакаме да има уште жртви и тоа меѓу најмалите, бидејќи тие се најчувствителни на компликации.