УЈП: И да е платата помала, основицата за придонеси е 17.040 денари

524
Фото Лого УЈП

Управата за јавни приходи вчера ја објави најниската и највисоката основица на кои се пресметуваат придонесите за пензиско и здравствено осигурување и придонесот во случај на невработеност.

Според законот, дури и да е пониска нето-платата од тие основици, придонесите се пресметуваат според утврдениот долен праг за пресметки.

„Просечната плата се користи за утврдување на најниската и највисоката основица за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување и тоа за пресметките за плата што се однесуваат за период од јануари до декември 2018 година (согласно со член 15 и член 16 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување). Најниската основица за пресметка на придонесите за 2018 година изнесува 17.040 денари (50 отсто од 34.079). Највисока основица за пресметка на придонесите за 2018 година за примањата од работен однос и за примања на извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво изнесува 545.264 денари (16 x 34.079). Највисока основица за пресметка на придонесите за 2018 година за самовработено лице изнесува 408.948 денари (12 x 34.079)“, информираше УЈП.

За ваквите пресметки во јавноста досега имаше реакции. Според нив, процентот за придонеси кај оние со најниски плати практично е поголем. Имено, стапките се исти, но не се зема реално исплатената нето-плата, туку повисок износ.

Вкупниот најнизок износ за придонеси е 4.600 денари, од кои 3.067 денари се за пензиско осигурување, 1.244 за здравствено осигурување 85 денари за осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување и 204 денари за осигурување во случај на невработеност.