Тутунски комбинат – Прилеп: Аздисани менаџери трошеле на комар и луксуз во...

Тутунски комбинат – Прилеп: Аздисани менаџери трошеле на комар и луксуз во Монте Карло

МВР поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на Тутунски комбинат АД Прилеп, Александар Дерменџиев, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“

1462
SHARE

Пишува Зоран Милошески, Прилеп

Кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ МВР поднесе против поранешниот генерален директор на Тутунски комбинат АД Прилеп, Александар Дерменџиев.

МВР го товари Дерменџиев дека во текот на 2013 и 2014 година, во својство на генерален директор на Тутунски, договорил набавка на 110.160 килограми тутун од индиско потекло и наредил негова исплата преку фирмата „Универзал – лиф тобако компани“. Набавката ја извршил без да биде донесена одлука од страна на Одборот на директори и без склучување договор за набавка со добавувачот. Подоцна, поради неодржување и пропаѓање, дошло до губење на квалитетот и скапување на тутунот, со што на Комбинатот му била предизвикана штета од 15.926.209 денари.

Според прилепските социјалдемократи, Тутунски комбинат направил загуби од околу 150 милиони евра за 12-те години додека беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во 12 години криминална и коруптивна власт на ДПМНЕ и Груевски, Комбинатот направи загуби од околу 150 милиони евра. Ова се само дел од причините зошто Тутунскиот комбинат АД Прилеп од некогашен гигант се претвори во обичен откупен пункт за тутун. Вака се раскрчмуваше имотот на Комбинатот, се туркаше вредноста на капиталот и акциите што ги поседуваа вработените. Надлежните институции ќе имаат полни раце работа, но правда мора да има – истакнаа од СДСМ – Прилеп.

Пред неколку месеци новиот менаџерски тим на прилепскиот Комбинат алармираше дека членови на тогашното раководство потрошиле повеќе од 100.000 евра, пари кои од кредитните картички издадени од Комбинатот биле трошени на луксузирање во повеќе атрактивни европски дестинации. Била купувана брендирана гардероба, а дел од парите завршиле во казина во Русија, Женева и Монте Карло. Освен менаџерски договори со членовите на Одборот на директори, биле потпишувани и договори за осигурување. На крајот на годината, наместо на сметката од Комбинатот, парите завршувале на приватните сметки на директорите, со што Комбинатот бил оштетен за околу 116.000 евра.

Истражните органи ќе треба да откријат каде завршиле исплатените 50.000 евра за софтвер кој никогаш не бил инсталиран. Симптоматичен е и начинот на кој претходното раководство по багателна цена од околу 60.000 евра, од фабриката за цигари продало пет машини и резервни делови, без соодветна процедура и без процена од овластен проценител. За оваа зделка, внатрешната ревизија констатирала дека за дел од побарувањата не била започната правна процедура за нивна наплата, поради што застареле.

Очигледно е дека евидентираните состојби во Тутунски комбинат АД Прилеп, немаат влијание врз тутунопроизводителите. На државно ниво, минатогодишната реколта тежеше 23.559.122 кг тутун, кој беше откупен по просечна цена од 217,6 ден/кг. Само по основа на субвенции, кои од оваа година беа зголемени и се исплаќаа во три класи: 80 ден/кг за прва класа, 70 за втора и 60 за трета и четврта класа, на тутунарите ќе им бидат исплатени околу 22 милиона евра. Според процените, близу 13 милиони од нив ќе завршат кај тутунарите од Прилепскиот Регион.