ЦИВИЛ: Во избирачкиот список и понатаму има фантоми и починати лица

„Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен“, реагираат од ЦИВИЛ

42

Во пресрет на рефендумот кој треба да се одржи во Македонија на 30 септември, а во текот на првиот ден од јавниот увид во Избирачкиот список, до ЦИВИЛ пристигнале десетина пријави за проблеми.

„Старите проблеми, наспротив уверувањата од политичарите и ДИК, се уште се евидентни. Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација“, велат од ЦИВИЛ.

Оттаму додаваат дека добиле и една пријава за починато лице што се уште фигурирало во Избирачкиот список.

Како што посочуваат од ЦИВИЛ, граѓаните ги информирале дека веднаш се јавиле во Државната изборна комисија да пријават неправилности, но од ДИК, како што посочуваат од ЦИВИЛ, како и на претходните изборни процеси, ги упатувале да се јават во МВР.

„Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен“, реагираат од ЦИВИЛ, и ги повикаа институциите да го поедностават процесот на решавање на случаите што ќе ги пријават граѓаните.