Тендерот за лаборатории поништен, Филипче треба да плати 78.000 денари за грешката

Од Министерството за здравство молк, не кажауваат дали ќе ги прифата многубројните забелеши на Комисијата за јавни набавки.

471

Комисијата за жалби по јавни набавки ги прифати жалбите поднесени од три фирми во врска со тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски анализи, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи со отстапување на потребната опрема на бесплатно користење за јавнитие здравствени установи. Сега Министерството за здравство и официјално треба да го поништи тендерот на кој имаше само една понуда, а на трите економски оператори кои се жалеле, треба да им исплати по 26.000 денари.

Според неофицијалните информации, Министерството за здравство наредната недела ќе распише нов тендер за истата набавка, но засега оттаму не кажуваат дали ќе ги прифатат забелешките што ги дава Комисијата, напишани на 10 страници.

Државната комисијата за жалби по јавни набавки смета дека со тоа што понудата е неделива, односно во еден пакет се бараат шест видови на тестови, опрема, информатички систем и транспорт се ограничува конкуренцијата меѓу економските оператори, и дека тука е всушност причината заради која на тендерот имаше само една понуда. Тоа значи дека ако на заинтересираните компании им беше дадена можност да дадат понуда за само една од ставките, а не за сите заедно, ќе имаше повеќе понуди и ќе се постигнеше подобра конкуренција.

Комисијата во забелешките наведува дека договорниот орган, односно Министерството за здравство, не смее да дефинира технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство, изведба, определен процес или трговски марки, патенти, видови или специфично потекло на стоки со цел фаворизирање или елиминирање на определени економски оператори или определени стоки. Една од забелешките на фирмите кои поднесоа жалби беше дека во спецификацијата се наведени услови што може да ги исполни само еден производител.

За Комисијата е исклучително проблематична одредбата во модел договорот прилог кон тендерската документација каде е предвидено дека Министерството за здравство треба да исплати на носителот на набавката штета од 5 милиони евра во случај тој да наиде на услови кои ќе ја попречат испораката.

Државната комисија го оценува како несоодветно барањето на Министерството за здравство економскиот оператор на кој ќе му биде доделен договорот за јавна набавка да инсталира ЛИС-систем, односно информатички систем за поврзување на лабораториите, бидејќи се работи за дејствие кое треба да го преземе фирма специјализирана за информатичка технологија.

„Поради сторена битна повреда на законот во постапката на доделување на договорот за јавни набавки предвидено со член 210 став 1 алинеја 3 од Законот за јавни набавки кое со никакво дополнително постапување договорниот орган не може да ја исправи Државната комисија за жалби по јавни набавки одлучија да ја поништат тендерската документаци по оваа јавна набавка“, се вели во образложението на Државната комисија за јавни набавки.

Решението на Комисијата е конечно и Министерството за здравство мора да постапи по него.

Иако решението на Комисијата уште во петокот е испратено до Министерството за здравство, оттаму нема никаков одговор на прашањата поврзани со оваа набавка, особено тоа дали при распишување на новиот тендер, кој исто така ќе биде во вредност од 35 милиони евра, што пред две недели го најави министерот Венко Филипче, ќе бидат земени во предвид забелешките што ги дава Комисијата. Од Министерството не потврдуваат ниту дали е точно дека новиот тендер ќе биде распишан наредната недела.

Според неофицијалните информации, долку министерот остане на тоа што го најавуваше, и почнувањето на тендерската постапка од почеток нема да донесе ништо ново. Анализата што ја направија некои од економските оператори во земјата покажува дека на тендерите на кои се барало бесплатно да се отстапи медицинска опрема, се добивале апарати со позастарена технологија од тие што до тогаш ги имало по јавното здравство, а повисоки биле и цените на реагенсите и тестовите. Министераството пред јавноста не презентираше своја анализа со која издржано ќе ги аргументира очекувањата од тендерот.

Единствената понуда на тедерот ја достави фирмата АББОТ Гмбх Цо КГ од Германија. Жалби поднесоа три компании „Д-р Пановски“, „Авицена“ и „Адриамед“, а Комисијата за жалби по највни набавки ги прифати сите три.

Во јавноста се шпекулираше и дека нема никаква одправданост од овој тендер бидејќи апаратите кои сега се наоѓаат во лаботарориите во јавните здравствени установи се всушност добиени во 2014 и 2015 година на ист ваков тендер и дека со овие 35 милиони евра власта се обидува да „обештети“ блиски бизнисмени.