Студентите ем едвај чекаат, ем поим немаат дека Владата ветила картички за попуст

„Слободен Печат“ ги праша дел од студентите дали се запознати со најавите на Владата за воведување студентска картичка и кои се нивните очекувања, но повеќето од нив ни кажаа дека првпат слушаат за таков проект.

186

Студентите годинава, според најавите од Владата, треба да добијат студентски платежни картички, со кои, како што е предвидено, ќе имаат попусти на одредени услуги во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, како и попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер.

„Слободен Печат“ ги праша дел од студентите дали се запознати со најавите на Владата за воведување студентска картичка и кои се нивните очекувања, но повеќето од нив ни кажаа дека првпат слушаат за таков проект.

– Сега прв пат слушам за овој проект, но многу ми се допаѓа тоа што почнува да се работи и прави нешто за студентите. Овде, но и на другите факултети има многу студенти кои се од други градови, па одлично е тоа што ќе имаат попусти во меѓуградскиот превоз, за да можат ако сакаат и почесто да си одат дома. Многу ми се допаѓа тоа што ќе имаме бенефиции и за посета на културни и спортски настани, со што ќе се поттикне дружба помеѓу студентите и развивање на културата. Јас го поздравувам овој проект на Владата и се надевам дека наскоро ќе се спроведе – изјави Стефанија Кузмановска, студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Како што можевме да слушнеме од студентите, покрај бенефициите за посета на културни и спортски настани, она што посебно ги радува се ветените попусти за меѓуградски превоз, со што ќе им се помогне на студентите од внатрешноста.

– Во врска со студентските платежни картички имам слушнато, но не сум доволно информирана. Сепак, придобивките од тоа би биле големи, бидејќи студентите ќе имаат подобар пристап до некои работи, како и повеќе попусти, посебно за оние кои не се толку финансиски моќни. Во однос на превозот, веќе имаме бесплатен градски превоз, па добро е тоа што сега ќе имаме и одредени попусти во меѓуградскиот превоз – вели Марија од Штип, студентка на Економскиот факултет во Скопје.

Покрај попустите во меѓуградскиот превоз, она што посебно ги радува студентите се и бенефициите кои ќе ги имаат при посета на спортски и културни настани, бидејќи веруваат дека на тој начин ќе може да се разбуди свеста кај младите за културолошко издигнување.

– Не сум запозната со новиот проект на владата за платежните картички, меѓутоа тоа е супер идеја, па мислам дека кај младите ќе се подигне свеста да посетуваат културно образовни и уметнички настани, бидејќи тоа и ни фали. На тој начин, студентите конечно ќе добијат нешто што навистина ќе можат да го искористат – смета Ана Најдовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Од Владата информираат дека овој проект би требало да се реализира најдоцна до април.

– Процесот за воведување на посебна студентска платежна картичка која ќе им овозможи многу бенефиции и попусти на студентите е веќе во тек. Реализацијата ќе се случи годинава, а јас искрено се надевам дека до месец март, најдоцна до април студентите ќе можат да започнат да ги користат овие картички – изјави Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт, која работи на спроведувањето на овој проект.