Средби на Жерновски на маргините на 13. „Бледски стратешки форум 2018″

На средбата со МНР на Малта, Кармело Абела, се разговарало за интензивирање на односите помеѓу двете држави на неколку полиња и била добиена поддршка од Малта за успешност на претстојниот рефрендум, како и желба да ја видат Република Македонија како рамноправна членка на ЕУ и 30-та земја-членка на НАТО.

10
Фото: Слободен печат

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски денеска учествува на традиционалниот 13. „Бледски стратешки форум 2018”, каде имаше повеќе средби на маргините со цел унапредување и создавање нови партнерства и пријателства.

На средбата со МНР на Малта, Кармело Абела, се разговарало за интензивирање на односите помеѓу двете држави на неколку полиња и била добиена поддршка од Малта за успешност на претстојниот рефрендум, како и желба да ја видат Република Македонија како рамноправна членка на ЕУ и 30-та земја-членка на НАТО.

– Беше реализиран состанок и со Томас Осовски, специјален претставник на германското министерство за надворешни работи за изготвување на повеќегодишната финансиска рамка на Европската унија. Од негова страна беше упатено уверување дека Германија стои цврсто позади напредокот на Република Македонија и даваат силен поттик во пресрет на референдумот, поттик за Договорот со Грција и Бугарија и гаранции за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, се вели во денешното соопштение од МНР.

Жерновски, како што соопштија од Министерството, присуствуваше и на работен ручек, организиран од страна на Изток Мирошич, државен секретар на МНР на Словенија.

– Од страна на сите присутни на ручекот беше испратена и потврдена силната поддршка за позитивните процеси во Република Македонија и охрабрување од меѓународните партнери во напорите да ја направиме Македонија демократска, просперитетна и целосно функционална и кохезивна мултиетничка држава, посочуваат од МНР во соопштението.

На билатералниот состанок со МНР на Шри Ланка, Васанта Сенајаке биле отворени прашања за поблиска и поголема трговска соработка и размена меѓу двете земји.

Во продолжение на Форумот во попладневните часови Жерновски ќе има обраќање на панелот „Западен Балкан: Изгубени години или нова надеж?”, во кое ќе посочи дека Република Македонија е важен дел од Европа, но, во исто време, треба да се признае дека за да станеме дел од Европската Унија, со сите права и обврски, треба да продолжиме по патот на развојот и посветеноста на демократските вредности.

 На 30 септември ќе имаме блиска средба со иднината, ќе си погледнеме очи во очи со безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна европска Македонија, ќе потенцира Жерновски на Форумот.

Тој во обраќањето ќе нагласи и дека престојниот референдум е историска одлука и ќе го трасира незапирливиот процес на интеграција и просперитет на нашата земја.

– Отсекогаш знаевме и знаеме каде припаѓаме. Затоа сите, мора да направиме се што е можно, без никакво двоумење и калкулација, за Македонија да продолжи на тој пат. Нашата безбедност и сигурност можеме да ја најдеме само како членка на НАТО и Европската Унија, ќе истакне Жерновски во своето обраќање на панелот „Западен Балкан: Изгубени години или нова надеж?”.