Средба на Џафери со членовите на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ

19

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со членовите на Мешовитиот парламентарен комитет, кои што се во земјата по повод 15-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) – Република Македонија и Европската унија, чиј домаќин е Собранието.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, Џафери им посака плодна и успешна работа на состанокот што следи и при тоа рече дека, преку Мешовитиот парламентарен комитет се остварува интензивна соработка и комуникација со Европскиот парламент, кој во континуитет искажува силна поддршка за нашиот евроинтеграциски процес.

– За Република Македонија, одржувањето редовни дијалози со природните стратешки партнери е значајно бидејќи тоа придонесува за оценување на напредокот во реформскиот процес и забелешките и препораките кои ги добиваме, секогаш ги сметаме за поддршка на нашиот демократскиот развој, истакнал првиот човек на македонското Собрание.

Од страна на членовите на Мешовитиот парламентарен комитет, се посочува, беше искажана благодарност за овозможената средба во овој толку интензивен период за Собранието и за Република Македонија.

– Тие ги пренесоа впечатоците од претходно остварените средби со политичките чинители во политичкиот спектар на Македонија, при што потсетија дека Република Македонија беше земја која беше најзрела за прием споредено со другите земји од Западен Балкан. Искажаа оптимизам и поддршка за овој обновен европски дух, а знак на таа поддршка се зачестените посети на бројни претставници на меѓународната заедница и дека можеби тоа изгледа како некој вид на притисок меѓутоа, тоа треба да се сфати само како посветување внимание и желба за успешно заокружување на сите фази од претходно постигнатиот Договор во Преспа, се наведува во соопштението.

Членовите на МПК пројавиле интерес за процедурата во сите фази и претседателот Џафери детално им ја објаснил целата постапка, при што, се наведува, рекол дека очекувањата се дека референдумот ќе биде успешен, по што ќе следи усвојувањето на уставните измени, за потоа Договорот да биде ратификуван и од грчка страна.

– Граѓаните се свесни дека нема друга опција освен Република Македонија да има успешен преговарачки процес за влез во ЕУ и НАТО и дека секое друга предвидување би било само губење на драгоцено време, рекол претседателот на Парламнетот Џафери, стои во соопштението од собраниската прес-служба.