Собранието на РМ веќе стана Собрание на Република Северна Македонија

Од Владата објаснија дека примената на новото име ќе почне откако грчката страна ќе испрати дипломатска нота со која ќе информира дека ги исполнила своите обврски за да може Договорот од Преспа да стапи на сила.

Собранието прво почна со примена на новото име на земјата, Република Северна Македонија. Во соопштението испратено до медиумите во врска со посетата на спикерот Талат Џафери на Словенија, се наведува дека тој е претседател на Собранието на Република Северна Македонија. И во својот говор Џафери земјата ја именува со новото име, односно вели „сега веќе Република Северна Македонија“.

Од Владата објаснија дека примената на новото име ќе почне откако грчката страна ќе испрати дипломатска нота со која ќе информира дека ги исполнила своите обврски за да може Договорот од Преспа да стапи на сила. По ова во Службен весник треба да биде објавен датумот кога стапуваат на сила уставните измени и уставните закони, со кои Република Македонија ќе стане Република Северна Македонија.

Во кабинетот на Џафери прашавме зошто не се почекало завршувањето на оваа процедура за да почне примената на новото име, но објаснување не добивме.