Собранието ќе го гради ставот за кампањата за референдумот

Во тек е планирањето на кампањата, се дефинираат деталите за концептот. Дел од институциите веќе доставиле информации за парите што можат да ги одвојат.

23
Фото: Слободен печат

Првата средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со потпретседателите, координаторите на пратеничките групи и претставникот на Владата по одморите е најавена за денеска претпладне. Според најавите, во фокусот ќе биде референдумот закажан за 30 септември и неговата кампања.

Јавноста очекува одговори дали и како пратениците и пратеничките групи ќе учествуваат во кампањата (јавна пропаганда) за референдумот, но и дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот. Од денеска се интензивираат и редовните активности на Парламентот.

Владата денеска на седница се очекува да ја одреди сумата што ќе се одвои за кампања за референдумот врз основа на информациите за средствата што ги имаат на располагање Министерствата и органите на државната управа, што треба да бидат доставени до неа.

Во тек е планирањето на кампањата, се дефинираат деталите за концептот. Дел од институциите веќе доставиле информации за парите што можат да ги одвојат.

Министерството за одбрана веќе објави дека одвоило помалку од 60 милиони денари, средства кои, како што изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, биле насочени кон активност во поддршка во нашите НАТО интеграции, но кои не беа во делот на логистика, ниту потреби на АРМ.

– Она што е јасно е дека практично Владата не сака да биде главниот актер, заради тоа што Собранието е тоа што ја донесе одлуката за референдум и со тоа ќе покажеме дека Владата нема политичка или партиска агенда, туку навистина на ова прашање е сконцентрирана на клучниот интерес на Република Македонија – да не биде изолирана држава, да биде држава со перспективи, да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ – рече министерката за одбрана Шеќеринска на Отворениот ден на АРМ за граѓаните.