дома Македонија Сме „гласале“ за Северна уште во 2008 година?!

Сме „гласале“ за Северна уште во 2008 година?!

„Американската амбасада во Скопје смета дека македонската Влада е подготвена да го прифати името Република Северна Македонија и тоа да се користи во сите меѓународни организации“, пред 10 години напишала амбасадорката на САД, Џулијан Миловановиќ.

202

Екс-премиерот Никола Груевски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски уште во 2008 година дале согласност за промена на државното име во „Република Северна Македонија“, но само под услов промената да вклучува признавање на македонскиот јазик и националноста. Ова може да се прочита во документот на американската амбасада во Скопје што го објави „Викиликс“, а го пренесе грчкиот весник „Катимерини“.

Доверливиот и таен документ, насловен како „Што треба да направат Македонците за решавање на спорот за името“ бил архивиран на 29 јули 2008 година, а потпишан лично од тогашната американска амбасадорка во Македонија, Џулијан Миловановиќ. Од содржината во првиот дел од извештајот јасно може да се забележи дека Миловановиќ дошла до ваквите заклучоци откако разговарала со тогашниот претседател Бранко Црвенковски и со тогашниот премиер Никола Груевски.

Идентичен договор

Тајниот документ што го објави „Викиликс“ открива дека целите на Македонија не се многу променети во последната деценија и дека постигнатиот Договор од Преспа помеѓу Македонија и Грција во голема мера наликува на согласноста и условите што во 2008 година ги дал тогашниот премиер Никола Груевски.

„Американската амбасада во Скопје смета дека македонската Влада е подготвена, со цел отворање на патот за членство во НАТО и во ЕУ, да го прифати името Република Северна Македонија и тоа да се користи во сите меѓународни организации“, пред 10 години напишала амбасадорката на САД, Миловановиќ, стои во документот.

Таа појаснува дека треба да се користи терминот „македонски“ за јазикот, но дека тоа треба да се направи преку дополнителен договор или со некаков анекс за внатрешна употреба во Обединетите нации, кој би требало да биде одобрен и од грчката страна, наведува грчкиот весник „Катимерини“.

Други грчки медиуми, пак, го објавија големото незадоволство и на лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, кој ја обвинува Владата на Алексис Ципрас дека ги задоволила барањата на Скопје, им го дала македонскиот идентитет на Скопјани и извршила предавство на грчките интереси. Како што вели Мицотакис, Скопјаните добиле сè, си го задржале идентитетот и името Македонија, поради што, како што порача, по потпишувањето на Договорот од Преспа, премиерот Ципрас треба да си поднесе оставка.

И шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас реагираше на информациите што ги објави „Викиликс“ и посочи дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски глумел дека сака решение на спорот за името.

– Познато е дека Груевски не сакаше било какво решение на спорот за името. Со цел да ја измами меѓународната заедница, тој се претвораше дека ќе потклекне на притисокот за да прифати компромис. Никој не му веруваше, освен, да се потсетиме, господинот Мицотакис – изјави Коѕијас.

Причина повеќе

Коментирајќи ги документите за тоа што сè прифатил поранешниот премиер Никола Груевски во врска со промена на државното име, македонскиот премиер Зоран Заев истакна дека претставуваат уште една причина повеќе за да застанеме сите заедно и да ѝ обезбедиме сигурна иднина на државата.

– Многу влади се трудеа да изнајдат решение, но добро е тоа што сега е потврден македонскиот идентитет. Знаете дека ги поседував разговорите кои сега се наоѓаат кај Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Дел од решението во делот на името и неговата севкупна употреба било прифатено и во делот на Северна и во делот на Горна Македонија, а мене ми е драго што ние добивме потврда за целокупниот наш идентитет, како и за македонскиот јазик кој беше важен дел поставен на преговарачкиот тим – рече Заев.

Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, вели дека најважната работа што ја направила актуелната власт на чело со премиерот Зоран Заев наспроти владеењето на екс-премиерот Никола Груевски е тоа што сето она што го зборуваше надвор, истото му го пренесуваше на сопствениот народ.

– Објавувањето на тајниот документ го толкувам како комуникација на две различни нивоа, но и двете комуникации се спротивни една на друга. Едната е наменета за задоволување на чувствата на сопствениот народ, а другата е за задоволување на барањата на меѓународната заедница и на големите сили. Вредна е онаа политика на онаа држава која зборува на само една фреквенција, односно тоа што му го кажува на партнерот во странство, истото да му го каже и на својот народ. Ако се влезе во игра на мамење, каков што е случајот со екс-премиерот Никола Груевски, порано или подоцна тие работи ќе бидат откриени. Големата работа што ја направи сегашната власт на чело со премиерот Зоран Заев е тоа што сето она што го зборуваше надвор со претставници на другите земји, истото му го пренесуваше и на сопствениот народ. Тоа е вистинскиот начин за комуникација, оти сè друго би претставувало мамење. Кога наши политичари се враќаат од надвор, тие ја имаат опцијата на своите граѓани да им ја кажат вистината за ситуацијата во која се наоѓа државата, или, пак, да играат на чувствата и емоциите на својот народ. Таа игра се водеше цели 27 години и сега конечно престана – објаснува Малески.