Скандал: Јавни огласи за проституција се објавуваат на Фејсбук, надлежните глуви и слепи

Инспекторот за превенција при кавадаречката полиција, Димитар Каракулев, во изјава за „Слободен печат” вели дека за жал, неретко се случува вакви огласи да се сретнат на интернет. Тој апелира до младите да внимаваат кога прифаќаат работа во странство.

973
Фото: ЕПА

„Се бараат атрактивни девојки старлети за на забава на јахта од 20.08 до 10.09 2018, плата 8.000 долари, платени сите давачки, летови, виза за Дубаи. Потребно слики од бикини во инбокс и ваш телефонски број. Ако исполните критериуми, ќе бидете контактирани”. Ова е еден од огласите кои може да се прочитаат на познатите Фејсбук страници за огласување во Македонија.

Јавен оглас за проституција на јахта, реагираат на Фејбук дел од граѓаните, кои повикуваат надлежните институции да не молчат, туку да преземат нешто, бидејќи, како што е познато, проституцијата во Македонија не е легална. Според дел од граѓаните, со ваквите огласи за работа, односно со огласувачите, треба да се позанимава полицијата. Огласувачите пак, се чувствуваат толку слободно што голем број од нив не се ни трудат да го сокријат својот идентитет.

Надлежните молчат, фејсбук администраторите креваат раменици

„Слободен печат” се обрати до Министерството за внатрешни работи со цел да дознаеме дали полицијата досега има откриено обиди или случаи со проституција на социјалните мрежи, но не добивме никаков одговор.

Не добивме одговор ниту од Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинални заедници“, бидејќи како што ни посочија, тоа не било под нивна надлежност, поради што не сакаа да коментираат.

Исконтактиравме и со администраторот на Фејсбук групата на која беше објавен огласот, кој ни објасни дека е невозможно да се контролираат сите огласи кои се објавуваат кај нив.

– Ние работиме на следниов принцип, се што е пријавено кон админот се бриши, макар и од еден член на групата. Јавно имаме истакнато дека како админ не преземаме никаква одговорност за трети лица. Секој профил си одговара за себе – беше нивниот одговор.

Родителите да отворат четири очи, младите да се информираат

Инспекторот за превенција при кавадаречката полиција, Димитар Каракулев, во изјава за „Слободен печат” вели дека за жал, неретко се случува вакви огласи да се сретнат на интернет. Тој апелира до младите да внимаваат кога прифаќаат работа во странство.

– Упатувам апел исто така и до родителите, да бидат внимателни, особено кога станува збор за евентуална работа за нивните деца во странство, која е сомнителна. Ова поради тоа што младите, особено девојките, можат да бидат жртви на проституција и трговија со луѓе – нагласи Каракулев.

Тој додава дека посебно треба да се внимава на огласите од непознати агенции од Македонија и од странство, кои нудат голема заработувачка за лесна работа на брод, за хостеси, за шанкови во ресторани, придружба на бизнисмени и слично.

– Секогаш добро треба да се проверуваат овие агенции, нивната шифра на дејност за која се регистрирани и претходно искуство на други млади кои работеле кај нив. Сето ова мора да се превземе за да не се западне во ситуации од кои нема излез, ситуации кои водат кон злоупотреби, трговија со луѓе и слично – посочува Каракулев.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, смета дека брза заработувачка не постои и дека децата треба навремено да се информираат за интернетот и што се може да се најде таму.

– Социјалните медиуми се место каде постојат правила на игра, односно што е дозволено, а што не смее да се објавува. Сепак, како и во секојдневниот живот, може да се сретнеме со ширење на недозволиви содржини, поттикнување на дискриминација, ширење на лажни вести и многу други негативни појави. Како што и во реалниот секојдневен живот се справуваме со ваквите појави, потребно е истото да го направиме и он лајн. Односно, како што напад, закана или некоја непријатна несекојдневна случка на улица ја пријавуваме во полиција, тоа треба да го направиме и кога ќе се соочиме со нешто слично на интернет – прецизен е Кордалов.

Тој вели дека уште од најмала возраст, родителите и другите возрасни е потребно децата да ги едуцираат на она што се нарекува он лајн репутација.

– Со други зборови, да ги научиме како да се оснесуваат во он лајн просторот, да се ценат себеси и да не дозволуваат некој да ги навреди, омаловажи или злоупотреби. Доколку од најмала возраст децата ги научат „правилата на игра“ кои постојат во интернет сферата, ќе изградиме генерации на кои многу тешко ќе може да им се наштети додека се во интенет сферата – објаснува Кордалов.

Тој додава дека многу е важно да посочиме дека главната заштита од вакви и слични појави е личното информирање, како и разговорот со најблиските.

– Иако во денешно време важи дека „сите сме во потрага по брзи пари“, еднаш за секогаш мора да се соочиме со фактот дека брза заработувачка не постои. Односно, секоја пара се заработува постепено и со многу труд, како и личен и семеен влог. Исто така, улогата на медиумите во спречувањето на негативните појави во општеството, а особено во интернет просторот е од огромно значење. Впрочем, токму традиционалните медиуми беа тие кои што во светски рамки открија ширење на лажни вести преку социјалните медиуми, како и многу други измами за потрошувачи кои кружат во интернет просторот – дециден е Кордалов.